УНМИК побара ослободување на неговите двајца службеници уапсени во северно Косово

407
EPA/STRINGER
Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) побара ослободување на своите двајца службеници кои се уапсени во денешната акција на косовската полиција во северно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Извори од УНМИК за телевизијата КТВ информираат дека уапсените меѓународни службеници се Русинот Михаил Красночеков и Србинот Дејан Димовиќ. Медиумот ја пренесе и информацијата дека Руската амбасада во Белград побарала итно ослободување на нејзиниот државјанин и одговорност од лицата кои го извршиле, како што вели, „флагрантниот инцидент“.

УНМИК во соопштение до медиумите вели дека со вознемиреност ги следи последните настани во северно Косово.

– УНМИК го следи со голема вознемиреност развојот на настаните на север од Митровица денеска, вклучително и приведувањето во текот на полициската акција на две лица кои се вработени на ОН. Двајцата припадници на УНМИК се префрлени во болница за третирање на раните. Ние ги разгледуваме прецизно околностите во целосна координација со сите меѓународни организации на терен, се вели во соопштението.

Специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН за Косово, Захир Танин повика двајцата приведени службеници веднаш да бидат ослободени и нагласи дека „секое повредување на припадници на УНМИК ќе добие висок законски, дипломатски и меѓународен одговор“.

– Ги повикувам сите страни да се раководат од владеењето на законот и достоинството за живот и слобода и да помогнат во враќање на мирот и безбедноста во овој дел, порача Танин преку соопштението на УНМИК.

Претседателот на Косово Хашим Тачи, по состанокот со челниците на безбедносните структури, изјави дека има информација оти меѓу уапсените е и еден руски државјанин, кој се претставувал како дипломат и се обидувал да ја спречи полицијата во вршењето на својата работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...