Нема да исечеме ниту едно дрво, ќе градиме забавен парк каков што нема во радиус од стотици километри во опкружувањето, рече денеска градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, најавувајќи ја изградбата на новиот забавен парк во Скопје.
– Во Скопје за прв пат ќе се гради тематски забавен парк. Ваков парк нема во радиус од неколку стотици километри во нашето опкружување. Тоа автоматски нашиот град ќе го стави на туристичката мапа на регионот. Тоа што е битно и сакам да го напоменам е дека локацијата ќе биде на досегашниот Луна парк. Нема да се исече ниту едно дрво, тоа е многу битно. Тематскиот забавен парк ќе има 24 реквизити, од кои седум се досега набавени по енормно високи цени. Очекувам дека ние ќе го направиме тоа по сериозно пониски цени. Очекувам дека после денешната презентација, на седница на Советот на град Скопје, ќе ја усвоиме донацијата на студијата која ќе претставува основа за да се влезе во нејзина имплементација. Мојата крајна цел е некаде кон средината на наредната година, забавниот парк да биде пуштен во употреба – нагласи Шилегов.
Забавниот парк ќе има три зони. Едната ќе биде детска, втората фамилијарна и третата адреналинска. Позната италијанска фирма, која го прави проектот, има проектирано повеќе од 45 тематски забавни паркови во Европа.
Скопјани ќе имаат можност да се возат на ролеркостер, судирачки, судирачки на вода, а предвиден е и простор за мал театар за деца. Тинејџерите нема да бидат исклучени од понудата на паркот, за секој ќе има посебно катче.
Паркот ќе има површина од 26.000 квадратни метри. Проценките се дека годишно ќе има околу 300.000 посетители, плус туристи.
Шилегов засега не можеше да каже сума колку ќе чини сето тоа, ќе стане појасно откако ќе почне постапката, но претставникот на италијанската компанија, Франко Барцани во своето излагање спомна дека проектираниот буџет е околу 11,7 милиони евра.