Финансиска едукација, инклузивност и заштита на потрошувачите се три цели кои ќе ги постигне Министерството за финансии со проектот „Денови на финансиска писменост“ кој почна денеска со таканаречен базар на финансиски услуги отворен во дворот на Министерството.
– Идејата е сите граѓани да ги научат фактите за јавните финансии, буџетот… што се дел од нашето работење, но и за сите услуги кои им ги даваат банките. Важно е и тоа граѓаните да имаат еднаков пристап до услугите, а како потрошувачи да бидат заштитени – рече на отворањето на „Деновите за финансиска писменост“, министерот за финансии Драган Тевдовски.
Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, пак, информира дека Централната банка организира работилници за запознавање на јавноста со работата и услугите на оваа Банка како и отворањето на инфо пунк за прашања од граѓаните.
Според неа, од голема важност за донесувањето на одлуките за финансиска стабилност е да се има предвид поединецот и неговиот интерес.
На штандовите, поставени по повод одбележувањето на „Деновите на финансиска писменост“ граѓаните но и ученици од основните и средните училишта можеа да научат повеќе за работата на Министерството за финансии, Централната банка, комерцијалните банки, осигурителните компании, штедилниците, а можеа да се сретнат и со првите луѓе на овие институции.
Во рамки на манифестацијата посебно забележителен беше интерактивниот детски корнер во кој децата цртаа и учеа за парите и како да се штедат и трошат.