Критична маса бара стратегија за велосипедски сообраќај

135

Под мотото „Револуција без институционална револуција“, утре во 17.30 часот од Плоштад Македонија, ќе се одржи 81-та велосипедска Критична маса во Скопје, со која иницијативата НаТочак и поддржувачите одбележуваат седум години од првиот настан.

– Седум години заедно возиме на скопските улици. Седум години пишуваме, критикуваме, предлагаме нови решенија, ги контактираме институциите. Критична маса во Скопје, па и во другите градови се профилираше како граѓански собир со јасни недвосмислени цели. Подобри инфраструктурни услови за возење точак како превоз за сите граѓани од сите генерации и способности. Создавање градови кои се вело-пријателски, каде при планирањето на улиците, велосипедскиот е барем еднакво важен како автомобилскиот сообраќај, градови каде може да се стигне на точак безбедно и удобно од било која до било која точка без прекин. Градовите да го постават здравјето, безбедноста во сообраќајот, заштитата на животната средина како приоритет во своите сообраќајни и други политики, стои во соопштението.

Иницијативата го издвојува најважните барања кои на еден или друг начин биле упатувани до институциите на кои е посветен овој 7-ми роденден.

– Донесување на Правилник за проектирање велосипедска инфраструктура кој е во процедура, но треба да се посвети поголемо внимание на неговото изготвување и да се донесе поскоро зашто во меѓувремето се проектираат субстандардни патеки, особено во другите градови. Владата да ги обврзе сите поголеми градови да донесат План за одржлива  обилност и тие планови да бидат со реални мерки и обврски, а не само приказни. Изработка на стратегија за велосипедски сообраќај на ниво на држава, за градско, но и за меѓуградско поврзување. Таа би била целосно во насока на заложбите за чист воздух, но и за развој на одржливиот туризам. Комбиниран транспорт: Јавен превоз (особено железнички) каде ќе биде  озволено и поттикнувано превезувањето и комбинирањето со велосипеди. Сите нови возови и автобуси да имаат можност за превезување на велосипед, а старите да се адаптираат. Поскоро донесување на Планот за велосипедски сообраќај на Град Скопје и прифаќање на нашите забелешки. Имплементирање на современ автоматизиран Систем за изнајмување велосипеди во Скопје, па и во другите поголеми градови, се вели во соопштението.

Се бара паркингот за велосипеди да биде задолжителен за сите нови објекти како што е задолжителен паркингот за автомобили. На едно место за автомобил собира 10 велосипеди, оваа обврска е смешно мала за инвеститорите, а ќе значи огромна практичност за жителите. Донесување на Визија Нула по примерот на Шведска на национално ниво со цел намалување на бројот на жртви од сообраќај постепено до нула. Можно е! Спроведување на патни диети на сите поголеми улици во Скопје и другите градови (стеснување на автомобилските ленти, некаде и намалување на бројот на автомобилски ленти, а воведување ленти за велосипеди, специјални ленти за јавен превоз, ослободување простор за повеќе зеленило). Физички мерки за смирување на сообраќајот на сите улици низ цела држава, најпрво во околината на училиштата и градинките, а потоа по сите станбени улици.

Поврзување на Скопје по текот на Вардар по целата должина од двете страни од западниот до источниот крај на градот, ослободување на прекините од градежни активности, доградба на патеки онаму каде што е потребно, поврзување со краци со останатата мрежи, повеќе велосипедски возливи рампи, повеќе пешачко-велосипедски мостови. Кејот на Вардар треба да биде нашиот велосипедски автопат. А текот на Вардар низ Македонија треба да стане велосипедска магистрала север-југ и дел од европската Еуро-вело мрежа како дел од Рута 11.

– Од исклучителна важност е силна посветеност на полицијата во справување со проблемот со паркирање на пешачки и велосипедски површини. Јавниот простор им припаѓа на луѓето, а не автомобилите. Поскоро воведување на комунална полиција со цел попрактично решавање на овој проблем.

– Сообраќајните правила-теоријата и практичните вештини за возење велосипед да бидат задолжителен дел од наставната програма во основното образование. Во насока на ова, потребно е воведување на велосипедски сообраќајни полигони (трајни или мобилни во рамки на училиштата и трајни на локации низ градовите) Одреден број часови во рамките на образованието во авто-школите треба да биде посветено на односот кон ранливите учесници во сообраќајот, како и практично возење на велосипед.

– Сите институции, сите станбени и комерцијални објекти, како и сите јавни простори да бидат направени пристапни за тркалата, на инвалидските, детските колички и велосипедите.

Помина времето на апелирање да се зголеми свеста. Свеста ја има кај доволен број граѓани. Условите ги нема. Институциите имаат многу помоќни алатки во свои раце од тоа да повикуваат само на зголемена свест и на лична одговорност, кога грешите и недостатоците се и системски. Тие преку своите реални приоритети, правилници, планови, проекти, правила и нивно спроведување, како и преку инфраструктурни промени треба да создадат една нова свест и кај мнозинството.

НаТочак повикува сите кои возат велосипед или ги поддржуваат овие барања да се придружат 29-ти мај за заедно да ги упатат до одговорните, да направат роденденски протест со возење низ улиците и да се одбележи седумгодишната борба за достојни услови.

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...