На специјални штандови поставени на платото на Министерството за финансии (МФ) граѓаните утре од права рака ќе можат да добијат корисни информации и знаење за финансиите и да се информираат за финансиските услуги и инструменти.
На штандовите, поставени по повод одбележувањето на Деновите на финансиска писменост, информираат од Министерството за финансии, ќе се претстават банките, осигурителните компании, штедилниците, како и институциите од Телото за финансиска едукација – Министерството за финансии, Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување и МАПАС.
„Граѓаните ќе можат да ги посетат штандовите од 10 часот до 14 часот во текот на утрешниот ден. Во рамки на предвидените содржини е и интерактивен детски корнер во кој е предвидени забавна и едукативна програма за деца до 10 години“, соопшти Министерството за финансии.
На настанот, како што е соопштено, ќе присуствуваат и првите луѓе на институциите од Телото за финансиска писменост – министерот за финансии Драган Тевдовски, гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, престедателката на КХВ Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенција за супервизија на осигурувањето Климе Поповски и претседателот на Советот на експерти на МАПАС Максуд Али.