Дваесет инженери и 40 техничари во наредниот период ќе се обучуваат за проектирање и изведба на фотоволтаици и сончеви топлински колектори преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ кој го финансира Европската унија, а се реализира од Стопанската комора.
Како што беше речено на денешната прес-конференција во Комората, обуката за проектирање и изведба на фотоволтаици ќе ја следат 10 инженери и 20 техничари, а обуката за сончеви топлински колектори ќе ја следат исто толку инженери и техничари.
– Преку овие обуки треба да изградиме заеднички стандарди за подготовка на проекти и нивна изведба, односно ќе се знае што треба да знае еден инженер и техничар за имплементирање на обновливи извори на енергија. Целта е да се изградат стандарди за занимања кои потоа ќе се акредитираат и во земјава да се имплементираат технологии за обновливи извори на енергија со прифатлива цена и квалитет – информира Христина Спасевска од претседател на Инженерската институција која е вклучена во проектот.
На овие обуки ќе им претстои процес на препознавање претходни знаења и вештини стекнати во неформалното и информалното образование. Учесниците ќе добијат и европски сертификати за соодветното занимање.
На ФЕИТ кој е носител на овој дел од проектот, информира Спасевска, е во тек формирање лабораторија за да можат инженерите и техничарите да се обучат од безбедност на работа, па се до изработка на проект преку користење на софтверско решение и изработка на техноекономска анализа.
– Лабораторијата ќе ги примени најсовремените технологии за сончеви топлински колектори што ќе следат во иднината- рече Спасевска.
Таа најави дека ќе се направи база на податоци за сертифицирани работници, инженери и техничари, но и на компаниите кои имаат работници што реално можат да имплементираат обновливи извори на енергија од проектирање до инвестирање.
Претседателот на Здружението за бизнис консултанти – Креација, Ристо Иванов рече дека преку проектот „Пазарно ориентирани вештини за одржливо енергетски ефикасно градење“ во првите две фази се обучени 1.500 работници.
– Во третиот дел од проектот очекуваме да се опфатат 300 нови градежни работници, 300 техничари и околу 100 инженери – рече Иванов.
Претседателот на Здружението за енергетика при Стопанската комора, Ристо Јаневски информира дека е во подготовка правилник кој предвидува објектите од обновливи извори на енергија да ги дизајнираат и изведуваат сертифицирани работници.