Ранохристијанските керамички релјефи од Виничко кале во Делчево

179
Во соработка со Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ – Виница, денеска во Делчево беше претставена ексклузивна изложба „Ранохристијанските керамички релјефи од Виничко Кале“. Како што информираше директорот на виничкиот музеј Јулијана Иванова, на изложбата во Делчево претставени се копии од теракотни икони, откриени во 1985 година.
-Во рамките на оваа изложба музејот „Теракота“ од Виница се претставува со осум банери и 12 копии од колекцијата на теракотни икони. Нашиот музеј располага со најголемата колекција на теракотни икони, која брои околу 20 мотиви, меѓутоа ние се претставуваме со 12 кои се откриени во 1985 година и уште две кои се новооткриени, а се претставени на банери, бидејќи немаме од нив копии, истакна Иванова.
Првите икони кои се пронајдени на Виничкото Кале, датираат од 1978 година, по што започнале и истражувањата, изјави Благица Стојанова виш кустос во Музејот.
-Приказната ја започнуваме со Константиновиот крст. Од оваа икона и од иконата на Св.Архангел Михаил имаме најмногу копии. Прв пат биле пронајдени во 1978 година од нашите мештани од Виница. Во 1985 започнале првите истражување на Виничкото Кале кога буквално биле исфрлени првите икони кои биле пронајдени, рече Стојанова.
„Теракотните икони“ поради својата важност и специфичност досега се презентирани на повеќе светски изложби, дел се од културното богатство на нашата земја и како такви имаат непроценливо значење. Настанот се реализираше во организација на Општина Делчево, како дел од одбележувањето на патронот на градот 24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св.Кирил и Методиј“.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...