Пакет од 78 мерки кои се во функција на подобрување на секојдневното работење на компаниите и деловната клима во земјата му предаде Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) на премиерот Зоран Заев на традиционалниот „Деловен појадок со претседателот на Владата“.
Претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска ја истакна важноста од активно вклучување на Сојузот, во креирање политики за создавање на подобри услови за деловната заедница со континуирано јакнење на јавно приватниот дијалог, а со тоа и на делување за раст и развој на националната економија.
– Пораката која деловната заедница ја упатува е да се спроведе сериозна борба со сивата економија, да се елиминираат големиот број парафискални давачки кои го оптоваруваат стопанството, да се создадат стабилни услови за водење бизнис за да се охрабрат претпримачите и граѓаните да инвестираат и да работат во приватен сектор, кој треба да биде двигател на економскиот раст во земјата – рече Арсовска во своето обраќање.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање даде ветување на истите сериозно ќе се пристапи и сооодветно реагира со точно утврдени рокови за реализација.
Заев најави дека една од мерките за борба со неформалната економија ќе биде повратот на 15 отсто ДДВ за граѓаните која ќе стартува од јули, како и наоѓање решение како фирмите да се мотивираат да го пријават кешот, или платата во плико која сега им се исплаќаа на вработените во форма на награди, што е неопходно за да се зајакнат фондовите за пензиско и инвалидско осигурување, иако сега не се открива каква точно ќе биде таа мерка.
Тој апелираше компаниите оваа година да ги искористат сите можности кои се понудени преку Планот за економски раст и Законот за државна помош за што годинава од Буџетот се издвоени 70 милиони евра.
Тој додаде дека и оваа година со измените на Законот ги олесниле критериумите, со тоа што и трговските компании, кои реализираат производство стануваат корисници, исто така и компаниите од ИТ индустријата, како и компаниите од преработувачката индустрија од земјоделството, мерки кои биле предлози и од Сојузот.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев,кој беше присутен на средбата, информираше за резултатите од реформите, странските инвестиции кои веќе започнаа со инвестициониот процес, новата Чешка инвестиција, планираниот тендер за изградба на фотоволтаици, како и новите мерки за стучно усовршување на кадарот.
На Деловниот појадок претседателството на Сојузот ги елаборираше економските мерки кои треба да се превземат за подобрување на деловниот амбиентот.
Сојузот на стопански комори е познат по своите значајни достигнувања во креирањето економски мерки базирани на анализи на предизвиците и конкретни предлози за нивно надминување, мерки кои во изминатите години имаa и до 80 отсто реализација.