Повеќе од една година институциите не успеваат да се справат со пуштањето на автопатот Штип-Миладиновци. Не само што граѓаните не можат да користат нешто за кое ќе плаќаат и нивните внуци, бидејќи знаеме за кредитите од оние „жутите” и „5-те % да не се многу Миле?”, туку никој не собра смелост и се разбира да пројави одговорност и да ни соопшти што е проблемот, рече на прес конференција Петар Колев, претседател на ГДУ.
Тој упати повеќе прашања за автопатот Штип – Миладиновци во кои прашува дали не е завршен проектот, има ли пропусти кај изведувачите, подизведувачите или можеби контролата, кој е одговорен затоа, колу ќе не чини автопатот, има ли луѓе од претходната и сегашната власт кои злоупотребиле средства предвидени за овој проект, дали има наместени тендери, провизии, проценти и како што вели, најважно, ќе сноси ли некој одговорност за сето ова?
– Заев, пројавете одговорност пред граѓаните од истокот, излезете и кажете јавно што е проблемот? Обелоденете сѐ што е поврзано со автопатот, а има индиции за злоупотреби. Ја разбравме неможноста на МВР и Спасовски, да се справат со живи луѓе кои можат да се движат (го визирам економскиот гуру Груевски и неговиот патент во економијата „како да станеш милијардер за 10 години?” ) но проектите, кредите и банкарските сметки како и тендерите и др. се на хартија, нема како да им избегаат. Во спротивност длабоко во мене, но и во голем дел од граѓаните останува чувството за политички пазар помеѓу СДСМ и ДПМНЕ во кој новата власт ја заштитува старата од кривична одговорност, во замена за полна власт и непречено решавање на одредени прашања. Не би шпекулирал со урбани легенди, но „злите јазици” како во земјава така и надвор, зборуваат за материјални репарации во замена за мир и слобода – вели Колев.