Што е можно подолго да се одложи плаќањето на акцизата за домашно произведена ракија, бараат производители од Тиквешко.Тие синоќа имаа средба со претставници на Царината.
– Бараме одреден максимален период на одлагање, едукација и припрема. По тој период да се почне со минимален износ и за пет години да се достигне до 30 денари по литар, како што сега предвидува предлог законот. Да не се плаќа однапред акциза пред да се пушта ракијата во продажба – се изјаснија лозарите, производители на домашна ракија, пред претставниците од Сектор за акцизи при Царинска управа, Весна Змајшек и Анастас Маженковски.
Пратеникот Панчо Минов потсети дека во собраниска процедура е Законот за акцизи, кој предвидува ново задолжување на индивидуалните земјоделци производители на жесток алкохол, триесет денари по литар. Се предвидува секој производител до количина од 2.500 литри да се пријави во Царина и да биде регистриран. Треба да пријави количини на грозје кои планира да ги преработува во ракија и со какви садови. Кога ќе ја произведе, треба од Агенцијата за храна да добие потврда за квалитет за да може да се продава. После тоа поднесува барање за издавање на акцизни маркици, со барање во рок од 30 дена треба да се исплатат тие маркици.
– Мојот амандман беше во две работи. Триесетте денари како акциза и обврската за подигањето на маркици да се одложи до нашиот прием во ЕУ. Два пати беше на матична комисија за европски прашања потврдено, законодавно правната комисија не го прифати тоа и сега треба да оди на пленарна седница и Собранието да се произнесе – рече тој.
Да се овозможи да има пазар, тоа според градоначалникот Митко Јанчев е многу важно.
-Ако направиме легитимна регистрација на сите производители на ракија и добијат сертификат за квалитет кој го заслужуваат, ако добијат маркица и бар код, тоа им дава можност да продаваат ракија насекаде каде се има лиценца за продавање на алкохолни пијалоци. Тоа мора да го правиме бидејќи имам еден податок дека сме држава со најмалку развиен домашен алкохол. Други држави имаат поголем број на брендови на алкохолни појалоци. Ако се направи бренд кој ќе се продава, акцизата нема да биде проблем. Тие пари колку што чини акцизата, сега се даваат за да се однесе ракија до одредена дестинација. Оптимист сум дека можат да се изградат брендови – категоричен беше Јанчев.
Маженковски говореше за целите поради кои се регулира ова прашае.
-Сегментот на домашна ракија за која знаеме каде се движи, мораше да се стави во нормални рамки.Идејата е, да ја дефинираме веќе чија е ракијата. Тој што произведува добра ракија треба да биде горд на тоа и таа треба да си најде пласман. А ќе најде пласман ако легално ја донесеш и си ставил етикета. За тој што ја пие, да не се секира и да биде сигурен дека пие здрава ракија. Сега сме во сива зона. Идејата е да почнете да се спремате, за еден ден кога ќе влеземе во ЕУ, да не се најдеме затечени – рече тој