Вистинска реформа, а не „ребрендирање“ на тајната служба

Вистинската реформа и воспоставувањето на новата структура на новата безбедносна Агенција за национална безбедност не може и не смее да биде ниту милостина, ниту транзит, ниту неоснована казна за ниту еден вработен таму. Вистинската реформа треба да биде соочување со минатото и одговорноста на сите, за сите процеси во државата во кои гинеа луѓе, гинеа полицајци, се креираа „мали војни“, се организираше упад во Собранието, се дискредитираа луѓе и авторитети и се глумеше/глуми невиност и професионализам.

1168

Реформа во буквална смисла подразбира процес на подобрување или измена на тоа што не е во ред, тоа што е незадоволително.

Вчера во Собранието се водеше комисиска (материјална) расправа за предлот-законот за реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Донесувањето на квалитетен закон што за првпат јасно ќе ја озакони и уреди работата на новата институција е само еден (правен, административен) дел од реформата која подразбира многу повеќе од носење закони.

Овој процес на реформа треба и има шанса да ги валоризира паролите „Никогаш да не се повтори!“ и „Одговорност мора да има!“. Овие пароли беа дел од нашето (граѓанско) мото „Нема правда, нема мир!“, за кое се бореа сите слободоумни граѓани, сите политички затвореници, сите прогонувани и луѓето кои не сакаа да бидат предмет во експерименталната кујна на параполициските структури и штабови и беа жртви на политичката тајна служба. Дојде редот да се реформира.

 „Никогаш да не се повтори“

Службата која во периодот на режимот креираше и контролираше политички процеси и го злоупотреби апаратот за масовно кршење на правата на граѓаните, не може да одолее на созреаната потреба да се соочи самата до себе. Од една страна се оние кои сакаат просто ребрендирање на „фирмата“ која мисли (се надева) дека „ќе продава стара роба на домашен пазар“, а од друга страна се оние кои сакаат коренити и суштински промени и вистинска реформа. Оние кои сакаат само шминка од реформа се истите оние кои спроведуваа „политики“ на штета на демократските процеси на државата и немаа ниту глас, ниту храброст како малкумина од таму (најмногу Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски) да застанат против злоупотребите и да разобличат ѕверства.

Вистинската реформа и прочистување, како и воспоставувањето на новата структура на новата безбедносна служба (Агенција за национална безбедност) не може и не смее да биде ниту милостина, ниту транзит, ниту неоснована казна за ниту еден вработен таму. Вистинската реформа треба да биде (за првпат) соочување со минатото и одговорноста на сите, за сите процеси во државата во кои гинеа луѓе, гинеа полицајци, се креираа „мали војни“, се организираше упад во Собранието, се дискредитираа луѓе и авторитети и се глумеше/глуми невиност и професионализам.

Придонесот на секој вработен таму е математички мерлив. И успесите и неуспесите имаат константи и имаат имиња и презимиња. Прашањето е само кој ќе го мери и по чии аршин.

Ако основното мото на реформата е декриминализација, департизација и деполитизација, тогаш е време да го спроведеме како што очекуваме сите ние, како што очекуваат граѓаните и нашите меѓународни пријатели кои чекаат да видат дели има мотото „никогаш да не се повтори“, може да се претвори во „кога повторно ќе се повтори“.

Или ќе се престроиме, или ќе се срамиме

За да се оствати стратегијата на реформата 3Д во ниту еден случај не смее да има учество на пратеници (претставници на политички партии) во кадровската селекција на вработените во Агенцијата и мора да има вистински ветинг, а не социјален пакет за лицата кои Прибе ни ги кажа дека ги има во голем број и никој не знае што се работеле.

Се борам и зборувам за оваа суштинска реформа, иако изгледите да биде така се минимални. Одговорноста е наша, заедничка. Вистинско време е да направиме реформа без озаконување на неказнивоста и на неодговорноста и без мејк-аперите кои се надеваат дека тие (повторно) (ќе)ги креираат политичките процеси.

Или ќе се престроиме зад правото, вредностите и интересите на државата или, ќе се срамиме за неискористената шанса да создадеме институција која никогаш повеќе нема да биде предмет на политички пазарења, туку вистински заштитник на државата и нејзините стратешки интереси.

Време е опозицијата да излезе со став за тоа дали ја условува (пазари) поддршката на законот за реформа на УБК со политичко учество на пратениците во селекцијата на вработените во новата Агенција и барање за социјален пакет за безбедносно неподобните во УБК и трансфер во други државни органи, а не вистински ветинг.

Оваа Влада покажа дека има храброст да се фати во костец со 30-годишниот нерешен проблем и успеа. Успехот на оваа реформа не е прашање на храброст, туку одговорност пред мотото „Нема правда, нема мир!“ и „Никогаш да не се повтори!“

(ФБ статус на авторката)

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...