Шпанија има најмногу пратенички во Европа

44

Шпанија денеска стана земјата со најголем број пратенички во националниот парламент во Европа, откако на конститутивната седница во Мадрид беа потврдени мандатите на 164 народни избранички од 350 места во Законодавниот дом, што значи дека се 46,85 отсто од пратениците во Конгресот се жени.

Со тоа шпанскиот парламент ги надмина шведското и финското Собрание, покажуваат податоците од Европскиот институт за родова еднаквост. Во шведскиот парламент има 162 жени од вкупно 349 пратеници (46,4 отсто), а сличен процент има и Финска.

За претседател на парламентот денеска е избрана Меритсељ Батет од владејачката Шпанска социјалистичка работничка партија (ПСОЕ). Пред нејзиниот избор, согласно правилата, седницата ја водеше најстариот парламентарец заедно со најмладата пратеничка, 23-годишната Марта Роскве од Каталонската републиканска левица.

Инаку, по речиси 40 години во шпанскиот парламент влезе партија оквалификувана како крајна десница. Партијата Вокс, која се декларира како десница, досега немаше пратеници, а на изборите одржани на 28 април освои 24 места, од кои девет припаѓаат на жени.

ПСОЕ освои 123 места, но за самостојно формирање влада им беа неопходни 176 пратеници. Во следните недели се очекуваат преговори со помалите партии, а на денешната конститутивна седница присуствуваа и петмината каталонски сепаратистички лидери, на кои им беше дозволено да го напуштат затворот за да положат заклетва во Парламентот. Тие во моментов се во притвор и им се суди по обвиненијата за бунт и злоупотреба на средства во врска со организирањето референдум за независност на Каталонија во 2017 година.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...