Легери: Фронтекс и во други земји од Западен Балкан, освен во Албанија

103
Европската агенција за гранична безбедност – Фронтекс наскоро, освен на албанско – грчката граница, свои патроли ќе има во други земји од Западен Балкан, изјави извршниот директор на оваа служба на ЕУ, Фабрис Легери во интервју за тиранската телевизија Топ Чанел.

Легери, кој денеска присуствуваше на свеченост во Тирана по повод утрешниот почеток на набљудувачката мисија на Фронтекс долж целата гранична линија меѓу Албанија и Грција, во интервјуто се осврна на причините зошто агенцијата одлучила да доведе свои граничните службеници во Албанија, иако таа не е членка на ЕУ.

– Постои долгогодишна соработка меѓу ЕУ и Албанија. Од 2016 година, Фронтекс има можност да ги проширува своите активности во земјите кои не се членки на ЕУ. Тоа е политичка одлука на Европската унија, ваквата операција да се прошири и во Албанија. Наскоро ќе имаме слични гранични контроли во другите земји од Западен Балкан, но Албанија е првата земја, изјави Легери.

Тој се осврна и на целите на кои ќе бидат фокусирани припадниците на Фронтекс.

– Ние сме тука бидејќи сме оперативен актер и ние ќе и помагаме на албанската гранична полиција со надзор и контроли. На најспецифичен начин ние сме фокусирани на борбата против трговијата со луѓе, илегалните преминувања, илегалната имиграција, вклучувајќи ги и сите криминални активности кои може да се откријат на границата во рамки на доброто управување. Ова е во согласност со нашиот мандат како Фронтекс, нагласи Легери.

На прашањето кои се целите што сака да ги постигне Фронтекс во Албанија, тој одговара дека главната цел е агенцијата да биде присутна на копнената граница со Грција.

– Тоа е направено во тесна соработка со Грција, која е ваш сосед – членка на ЕУ. Целта се однесува на подобар мониторинг на илегалната имиграција која тргнува од Грција кон северниот дел на Албанија. Исто така, постојат и нелегални активности како што се прекуграничната недозволена трговија од секаков вид. Сакаме да им помогнеме на албанските сили задолжени за спроведување на законот и на пограничните власти, вели извршниот директор на Фронтекс.

Легери уште посочува дека Фронтекс почнува со мисијата од утре со 50 гранични офицери, кои доаѓаат од 12 земји членки на ЕУ и располагаат со техничка опрема и патролни возила. Според него, доколку има потреба бројот на припадниците на мисијата ќе биде зголемен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...