Платите на јавнообвинителските службеници сѐ уште се под републичкиот просек и не се доволни за задоволување на најосновните потреби за пристоен живот, тврди Синдикалната организација на јавните обвинителства, членка на Синдикатот на УПОЗ. Синдикатот бара во најбрз можен рок јавнообвинителските службеници да ги добијат истите права како и другите вработени во правосудството, во спротивно тие правата ќе ги остваруваат по судски пат, а ќе ги искористат и сите законски можности за притисок врз работодавачот.
– Со измените на Законот за јавнообвинителска служба од 2015 година, поради специфичноста на работните задачи јавнообвинителските службеници добија право на додатоци на плата во висина од 35% кумулативно по неколку основи, но за жал од можните 35% се исплаќаат само 5%.Иако Синдикатот на УПОЗ и Владата договорија спогодбено решавање на степенот за кариера за службениците, јавнообвинителските службеници се приморани ова право да го остваруваат со поднесување на тужби до надлежните судови – појаснуваат од Синдикалната организација.
Синдикалците тврдат дека надоместоците на плата (за патување во земјата, работа на терен одвоен живот од семејството, итн.) не се исплаќаат, а надоместокот за дежурство иако дежурствата траат и по 30 денови е 1.000 денари.
– Поради хроничен недостаток на кадар еден јавнообвинителски службеник извршува работни задачи за неколку работни позиции, не се распишуваат интерни огласи за напредување на повисоки работни места, а се повеќе недостасуваат и основни средства за работа (компјутери, тонери, канцелариски материјали и др.) – додаваат од синдикатот.
Синдикалната организација ќе бара јавнообвинителските службеници да ги имаат истите месечни примања, надоместоци и додатоци на плата како колегите од Специјалното јавно обвинителство, доколку ова обвинителство тане дел од системот на јавно обвинителство.