Македонските граѓани кои ќе летуваат годинава во Грција иако се надеваат, нема многу да го почувствуваат намалувањето на Данокот на додадена вредност за одделни производи и услуги во оваа земја, бидејќи користат приватно, а не хотелско сместување, тврдат туристичките работници. Тие не стравуваат од намалување на туристите кај нас, бидејќи е намалена атрактивноста на оваа земја за туристите со честите промени на даноците, но сметаат дека ако се намамали ДДВ-то за ресторанската храна кај нас хотелите би имале поконкурентни цени.
Грција го намали ДДВ од 24 на 13 отсто за околу 5.000 прехранбени продукти. Се очекува овие производи да се продаваат по пониска цена во супермаркетите. Најавено е дека ќе поевтинат и угостителските услуги, цените во таверните, рестораните и веќе се очекува зголемен број на туристи.
– Ова намалување на данокот ќе биде поволно за граѓаните кои ќе престојуваат во хотели, бидејќи кај нив ќе се намали цената на сместување и на храната. Нашите граѓани најчесто се сместуваат во приватни објекти каде што цените нема да се променат. За нив може да има промена само кај храната која ќе ја купуваат во супермаркетите – вели Аркан Керим од туристичката агенција „Генерал турист“.
Крсто Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ), смета дека ова намалување на ДДВ-то нема многу нешта да промени во грчката понуда за туристите, туку корист ќе има само државата.
– Сметам дека корист од намалување на ДДВ-то ќе има државата Грција која на ваков начин ќе ја намали сивата економија во угостителството. Познато е дека во хотелите и рестораните таму повеќе се плаќа во кеш отколку со картички, сега е можно дел од хотелите и рестораните да почнат да пријавуваат данок што ќе ѝ користи на државата – вели Блажевски.
Тој додава дека понискиот ДДВ во Грција нема да има никакво влијание на туристичката сезона во земјава.
– Не очекуваме одлив на туристи од земјава во Грција. Ние секоја година го пресметуваме делот на туристи што одат во Грција и годинава е така. Во случајов не се битни цените, тој што сака да оди на одмор таму и си оди, но Грција последниве години не е атрактивна за туристите – вели тој.
Блажевски, сепак, смета дека, ако нашата држава го прифати барањето на хотелиерите да се намали ДДВ-то за храната во рестораните, тогаш нашите хотелиери би имале пониски цени на понудената храна со што би станале и поконкурентни на туристичкиот пазар и би обезбедиле поголем број на туристи.
– Барањето кое стои неколку години сѐ уште е во процедеура на разгледување, кога ќе има некаков одговор за тоа не се знае, но секако ќе има поволни ефекти за македонскиот туризам – вели Блажевски.