Светската музичка ѕвезда Стинг на 2 јуни годинава ќе настапи на градскиот стадион во Скопје. Концертот е во рамки на неговата турнеја „My songs“, а специјален гостин ќе биде Влатко Стефановски.
Од Авалон продукција информираат дека во рамки на настанот „Skopje Calling“, Стинг ќе понуди несекојдневно и динамично шоу, фокусирајќи се на неговите најдобри песни од ерата на „The Police“ и од соло кариерата.
– „Englishman in New York“, „Fields of gold“, „Shape of my heart“, „Every breath you take“, „Roxanne“, „Message in a bottle“ се само неколку од песните што ќе можат да се слушнат вечерта во Скопје, во изведба на една од најголемите рок ѕвезди на светот на сите времиња. Според информациите што ги добивме, скопскиот концерт на Стинг е најпродаван од сите досегашни концерти што се објавени во рамки на неговата „My songs“ турнеја во Европа што трае три месеци – изјавија од Авалон.
Бобан Милошески од Авалон рече дека после концертите на Џејмс Браун и Сантана, ова е нивниот најамбициозен проект и дека очекува околу 25 до 30 илјади публика, зашто како што рече, рокенролот е одбрана музика и оваа бројка е реална посетеност кај нас и во блискиот регион.
Специјалниот гостин на концертот Влатко Стефановски вели дека Стинг отсекогаш му претставувал инспирација.
Тој со неговото ново трио, на тапани неговиот син Јан и на бас-гитара струмичанецот Иван Кукиќ, со едночасовен настап, ќе се обиде да ја подготви публиката за концертот на британската мега ѕвезда.
Стефановски рече дека се надева дека ќе има можност да се запознае и барем 5 минути да поразговара со Стинг. Тој, според него, е ѕвезда, но и еден од оние вистинските музичари, бидејќи „Има многу ѕвезди, но малку музичари“.