Имаат само пет години а изодeа 18 километри за шест часа на Селечка Планина (ГАЛЕРИЈА)

2812

Петгодишните Алексеа и Софија беа дел од 14. традиционален меморијален марш по Селечка Планина – „Петре Андоноски – Музичарот“. Со старт од селото Плетвар, вкупната должина на патеката беше 18 километри, а двете девојчиња храбро издржаа и ја поминаа патеката за шест часа. Преку истражување учеа за природата. Добија благодарници како најмлади учесници на планинарскиот марш. На акцијата учествуваа повеќе од 300 планинари, а најстариот беше на возраст од 80 години.

На Алексеа Петкоска од Прилеп ова ѝ беше втор пат на планинарење. Нејзините родители се рекреативни планинари, кои во недела користат прилика да отидат на чисти планински воздух.

– Моите деца воопшто не ги оставам пред компјутер. Ретко ги оставам и пред телевизија. Гледаме времето и дома да го поминуваме поинаку. Работам во градинка како воспитувач и сум многу свесна колку многу можат да им наштетат компјутерите на децата, особено од предучилишна возраст – вели нејзината мајка Билјана.

„Мамо од каде доаѓа водата“, беше едно од љубопитните прашања на Алексеа на кои одговараше мајка ѝ Билјана. Ни кажаа дека сестра ѝ Калина која има четири години, се налутила бидејќи не ја земале на планинарење.

На Софија Стојкоска ова ѝ беше прв пат на планинарење. Таа е и скијач, а нејзината тетка е планинарка. Нејзината мајка Катерина, исто така, планинарела порано.

Да не се седи премногу на компјутер и со телефон во рака туку да се излезе во природа, тоа била една од причините да се тргне од дома и тоа беше пораката која ја упати и Катерина.

Софија, исто така, се распрашуваше за многу работи поврзани со природата и добиваше одговори на сѐ што ја интересираше.

– Фала што нѐ покани и пак да нѐ поканиш – така ѝ рече на тетка си.

Благодарница за учество доби и нејзината 12-годишна сестра Натали.

Пеејќи ја „Слушам кај шумат шумите“ поминавме неколку чешми со бистра и студена планинска вода, се напивме и одморивме од патот. Кај третата чешма загинале првите партизани за време на Втората светска војна, раскажуваа планинари. Едни береа мајчина душичка, други јадеа ливчиња киселец преполн со витамин Ц, трети береа зелје за да приготват сарма или друг специјалитет.

Придружници ни беа сонцето, ветрот и облаците, кои наизменично се менуваа.

Сите ја поздравија одличната организација на акцијата, која почна со слатка и витаминска закуска и телефонски број на кој можеше секој да се јави за било каква информација, иако околу нас постојано имаше водичи од друштвото кои се грижеа сѐ да помине во најдобар ред. Патеката беше видливо маркирана, а имавме и освежување со чај и локум од организаторот.

Во манастирот „Св. Димитрија“ во селото Селце беше послужено традиционално планинарско прилепско гравче, кое беше толку вкусно – прсти да излижете.

Организатор на акцијата беше еколошкото планинарско друштво „Картуш“ од Прилеп,  во чест на починатиот прилепчанец, придружник по планинарските патеки и дружења – Музичарот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...