Објавена е најновата поетска книга на македонскиот поет Ристо Лазаров „Езерска“ во издание на ВИГ „Зеница“.
Книгата содржи педесетина песни, а во поговорот на Наташа Аврамовска се наведува дека „најновата поетска книга на Ристо Лазаров ‘Езерска’, се огласува со болскотот на мигот“ оној што овде-онде се препелка во лелеавоста на хоризонтот на езерската шир под навевот на ветерецот на денот.
„Ова е несомнено возбудлива поетска книга чијашто игривост и алузивност во хармонија со лиричноста и симболичноста на пеењето ни открива мноштво нови погледи на градот што на сите ни е свој и најсвој“, продолжува Аврамовска, подвлекувајќи дека притоа книгата игриво ни го пренесува и нашиот отслик во мрешкањето на неговите води – сосе свежината на навевот на отворениот хоризонт и неговата многуликост.