Турските власти побараа да се уапсат 249 вработени лица во Министерството за надворешни работи поради сомневање за поврзаност со мрежата на свештеникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а за која се тврди дека го организираше неуспешниот државен удар во 2016 година, објави НТВ.
Властите спроведоа регуларни операции против наводни следбеници на Ѓулен, кој живее во егзил во Пенсилванија од 1999 година.
Ѓулен ги отфрла обвиненијата дека стои зад обидот за државен удар на 15 јули 2016 година.
Канцеларијата на главниот обвинител во Анкара соопшти дека апсењето на 249 вработени во Министерството за надворешни работи е наредено бидејќи истрагата покажала дека се забележани нерегуларности во нивното работење во врска со приемните испити.
Се наведува дека досега се затворени 78 осомничени во операции во 43 провинции и дека полицијата трага по останатите.
Повеќе од 77.000 луѓе се затворени и чекаат судење, а околу 150.000 државни службеници, воени лица и други се отпуштени од работа или суспендирани во рамки на чистката спроведена по неуспешниот пуч.