Градоначалникот Максим Димитриевски годинава е учесник и панелист на дванаесеттиот Економски Форум кој се одржува во Астана – Република Казахстан. Економскиот Форум во Астана е една од највлијателните интернационални платформи за дискусија за подигнување и развој на глобалната економија и финансискиот систем. Под слоганот „Инспиративен раст: луѓе, градови и економии”, оваа година на форумот учествуваа политичари и бизнисмени од целиот свет.
Во рамки на посетата, градоначалникот Димитриевски оствари повеќе средби со претставници од бизнис заедницата, меѓу кои и со заменик претседателот на здружението на стопанските комори на градот Астана, Данијар Садиков. На средбата, заедно со в.д. амбасадорот на Република Северна Македонија во Казахтан н.е. Муарем Неџити, беше направена презентација за Општина Куманово и новата развојна индустриска зона „Новини и Речица”, која беше презентирана и понудена за инвестиции на потенцијални инвеститори од оваа држава, кои покажаа голем интерес и најавија скорешна посета на нашиот град.
Општина Куманово заедно со Владата на Република Северна Македонија следниот месец отпочнува со инвестиции во инфраструктура во новата индустриска зона „Новини и Речица” во Куманово. Индустриската зона е лоцирана на коридорот 8, автопатот E75 „Пријателство“, на 5км до границата со Србија. Оваа зона со својот капацитет од над 50 инвестиции со различна големина на парцели, урбанистички уредени за лесна и незагадувачка индустрија, трговски единици и сместувачки капацитети, поради својата атрактивна локација е предмет на интерес на голем број како домашни така и странски компании.