КБ Прво пензиско друштво, кое беше формирано со стартот на пензиската реформа во државата, 14 години управува со парите на 246.592 членови кои се издвојуваат од нивната бруто плата или самостојно за посигурни пензионерски денови.
Парите на идните пензионери , како што информираа денеска од раководниот тим на Друштвото, главно ги вложуваат во државни обврзници, депозити, акции во успешни домашни компании, но и во акции на најпознатите светски брендови преку инвестирање во удели на инвестициски фондови во САД и Европа.
Ова Друштво како што информираа денеска управува со парите кои граѓаните ги издвојуваат во задолжителниот фонд кој работи во рамки на вториот пензиски столб во доброволен пензиски фонд каде што граѓаните доброволно вложуваат.
Последниве години, велат од Друштвото, расте интересот за штедење на доброволна основа, односно за одвојување дополнителни средства за посигурна старост. Ова особено станува актуелно кај младите кои работат преку интернет, па издвојувањето средства на сопствена сметка може да им обезбеди сигурност во староста.
– Во третиот доброволен столб, велат, може да издвојуваат и компании или здруженија на граѓаните кои преку професионални пензиски шеми можат да организираат и финансираат дополнително пензиско осигурување за своите вработени, односно членови, што е вообичаена практикa во многу европски земји.
КБ Прво пензиско друштво од неодамна е во нови простории лоцирани на ул. Митрополит Теодосиј Гологанов бр. 6 во Скопје кои се одраз на растот на друштвото и одговор на потребата за уште поголема комуникација со членството кое во секое време може да има увид во своите средства и нивното оплодување.