Во изградбата и одржувањето на патиштата ќе се применуваат нови стандарди и научни сознанија според практики во најразвиените европски држави. Со првиот меѓународен проект во државава за примена на полимер модифициран битумен кај патиштата со тешко сообраќајно оптоварување и автопатиштата се направени првите мерења при реконструкцијата на левиот коловоз на автопатската делница Неготино-Демир Капија во должина од два километра и како што изјави денеска директорт на ЈПДП Зоран Китанов ефектите се покажале максимално позитивни.
Минатогодишните мерења покажале дека патиштата се многу оштетени, а до крај на годинава се очекува да бидат рехабилитирани и реконструирани 600 километри патишта. Примената на новите научни сознанија ќе овозможи заштеда.
– Убаво е да се градат нови патишта, но не треба да забораваме дека треба да се одржуваат и обновуваат веќе изградените. Ова се едни од материјалите кои ни овозможуават преку науката и соработката со Градежниот факултет да се одлучува на кои траси да се работи и кои се најоптоварени. Во државата веќе се поставуават и над 100 мерачи за проток на сообраќај и согласно сите тие параметри ќе се одлучува на кои делници кој вид на полимери ќе се стават за да не се рехабилитираат на секои осум – десет години, туку на 20 години. Векот ќе им биде подолг и би заштедиле. Иако првично можеби ќе биде 15 проценти повеќе – изјави Китанов, по отворањето на меѓународната конференција за патишта во Скопје.
Проектот заеднички го реализираа професори од Градежниот факултет при УКИМ и Факултетот за транспортни науки од Чешкиот технички универзитет, компанијата ДАvY, ЈП за државни патишта и Друштвото за патишта.
– Со примената на новите сознанија и нови материјали квалитетот и животниот век на експлоатација на коловозната конструкција како најзначаен сегмент на патишатата ќе придонесе да траат подолго, што значи ќе имаме одложена приемна на финансиските средства од втора генерација – рече професор Горан Мијоски, професор на Градежниот факултет во Скопје и учесник во проектот.
Тој посочи дека коловозните конструкции се проектираат и одржуваат според тековните стандарди и оти е во тек транспонирање на еврпските стандарди.
– Овој проект ќе придонесе не само за пренесување на искуствата од развиените европски земји туку и да се добие соодветен третман и кај нас во специфични климатски услови затоа што климатскиот фактор во една држава е пресуден за квалитетот и трајноста на коловозните конструкции покрај сообраќајното оптоварување – рече Мијовски.
Патиштата се проектираат за период од 20 години по кои треба да следи реконструкција, а рехабилитацијата може да биде и порано изведена доколку некој од пропишаните параметри за коловозните конструкции не ги задоволуга стандардите.
Според Мијовски, со најновиот Референтен систем за управување на патишта, што го применува ЈПДП, е напуштен претходниот „интуитивен“ пристап во управување и одржување на патиштата и тие активности ќе се вршат врз основа на реални параметри. ЈПДП со возила за специјална намена втора година врши мерења и врз основа на тие параметри се градат показателите кои делници се за реконструкција, за рехабилитација, кои се целосно дотраени.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески порача дека како држава чиј врвен приоритет е ЕУ имаме обврска да изградиме и функционални и безбедни патишата според највисоките европски стандарди.
– Мораме да ги следиме современите трендови и научни достигнувања во областа на градежништвото. Како што велат инженерите, асфалтот е најквалитетниот слој на патот, но економски гледано тоа е и најскапиот дел. Затоа примената на квалитетни употребни материјали е многу значајна за долгорочноста и издржливоста на патиштата – рече на отворањето на конференцијата Сугарески.
Досега во државава се вршеше само директно транспонирање на европските прописи што се однесуваат на изградбата на патиштата, а со научно-истражувачкиот проект тоа првпат ќе се направи врз основа на научен експеримент. Со тоа се дефинираат нашите специфики за носење на националните анекси.