Скопски водовод ќе исплати по 250 евра за К-15 на вработените, но за 4 години

За оваа година преговараме К-15 во ова претпријатие да изнесува над 6.000 денари, а преговори водиме и со Комунална хигиена Скопје, со ЈП Паркови и зеленило  и со ЈП Улици и Патишта, кои остварија приходи, па со Колективниот договор за комунални дејности, мора да исплатат регрес за годишен одмор - изјави Дарко Димовски, претседател на ССМ

744

На 1220 вработени во ЈП Водовод и канализација – Скопје по 11 години ќе им биде исплатен регрес за користење на годишен одмор за 2016, 2017 и 2018 година, плус за оваа година. Но наместо по околу 500 евра, ќе им биде исплатена сума од околу 250 евра.

– Се договоривме спогодбено вработените во наредниве три години да добијат по 150 евра во денарска противвредност или по 50 евра годишно – тоа е за К-15 2016 до 2018 година што не им бил исплатен. Од Водовод ни ветија дека со оваа динамика може да го исплатуваат регресот. За оваа година преговараме К-15 во ова претпријатие да изнесува над 6.000 денари, а преговори водиме и со Комунална хигиена Скопје, со ЈП Паркови и зеленило и со ЈП Улици и Патишта, кои остварија приходи, па со Колективниот договор за комунални дејности, мора да исплатат регрес за годишен одмор – изјави Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

За исплата на 250 евра на 1220 вработени во ЈП Скопски водовод ќе требаат околу 305.000 евра.

Во врска со тоа од каде ќе се обезбедат средствата за исплата на три регреси за изминативе години, плус за оваа година, од ЈП Скопски водовод, велат – од тековното работење на претпријатието.

Исплата на три регреси е најмногу што ретроактивно може да биде реализирана.

– Согласно Законот за работни односи (член 115) паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од 3 години од денот на настанувањето на обврските и од тие причини, неможе да бидат исплатени регреси за годишен одмор за претходните осум години – појаснуваат од ова јавно претпријатие.

Освен во скопски Водовод, синдикатот договорил К-15 да добијат и во ЈП Комуналец во Струмица.

Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, на пример, К-15 за 2018 година се движел од 9.610 денари (40 отсто од износот на просечната нето плата во последните три месеци) до 14.090 денари (40 отсто од износот на просечната бруто плата во последните три месеци).

За оваа година износот на К – 15 уште не е определен.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...