Вкупно 53 станбени објекти и една џамија се уништени денеска при лизгање на земјиште во црноморската провинција Орду во северниот дел на Турција.
Гувернерот на Орду, Седар Јавуз соопшти дека свлечиштето уништило 22 згради, 31 куќа и џамија, додавајќи дека нема информации за загинати или повредени лица.
Свлечиштето се појавило во февруари годинава кога властите ги евакуирале жителите на 29 куќи, но тоа денеска одново се активирало како последица на обилните дождови што го зафатија подрачјето последниве денови.
Поради новото лизгање на земјиштето властите денеска издадоа наредба за евакуирање на цела населба во која живеат 70 домаќинства.
– Досега требаше да бидат евакуирани 61 зграда и 80 куќи – додаде Јавуз.
Властите презедоа превентивни мерки, при што полицијата го блокираше реонот околу зоната на свлечиштето, во која е забранет влез на цивили.