Гутереш: Нивото на Пацификот ќе порасне за еден метар до 2100 година

Последните четири години беа најтопли. Топењето на мразот на Гренланд и Антарктикот се забрзува, што значи дека нивото на океанот ќе порасне за еден метар до 2100 година, ако ништо не се преземе за да се избегне тоа, рече Гутереш.

59
ФОТО: EPA/CYRIL ZINGARO

Генералниот секретар на Обединети Нации, Антонио Гутереш, изјави денеска дека ќе отпатува на три јужнопацифички острови за да ги види ефектите од климатските промени.

Говорејќи на Фиџи, Гутереш рече дека сака да научи повеќе за работата, која ја преземаат островските заедници поради зајакнување на одбраната од последиците на климатските промени.

Според него, на Пацификот му треба посилна меѓународна поддршка, бидејќи климатските промени се побргу се одвиваат.

– Последните четири години беа најтопли. Топењето на мразот на Гренланд и Антарктикот се забрзува, што значи дека нивото на океанот ќе порасне за еден метар до 2100 година, ако ништо не се преземе за да се избегне тоа. Овде на Пацификот, нивото на водата кое расте, во некои држави е четирипати поголемо од светскиот просек и претставува егзистенцијална закана на некои островски држави, рече Гутереш.

Тој истакна дека островските држави треба погласно да зборуваат, бидејќи нивното искуство „нагласува итност на реагирање на заканата“.

– Пацификот има единствен морален авторитет да зборува. Време е светот да слуша, заклучи Гутереш.

По Фиџи, тој планира да ги посети островските нации Тувалу и Вануату.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...