Народна банка евидентира забрзан раст на индустријата и трговијата, поумерен на градежништвото

Комитетот ги нагласува неповолните ризици од надворешното окружување, особено оние предизвикани од неизвесноста поврзана со растечките трговски тензии.

270

Eкономските фундаменти се здрави и без присуство на нерамнотежи во економијата оцени Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на својата редовна седница.

Според Комитетот, тоа е видливо преку стабилната инфлација и поволната надворешна позиција, околности што придонесуваат за поволни движења на девизниот пазар и интервенции со откуп на девизи од страна на Народната банка од почетокот на годинава. Динамиката и валутната структура на штедењето на домаќинствата, според Комитетот, упатува на стабилни очекувања и поволни согледувања.

Во однос на најновите макроекономски показатели, од Народната банка наведуваат дека по релативно солидниот раст на економијата во 2018 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на 2019 година упатуваат на натамошни поволни поместувања во економијата, видливи преку забрзаниот раст на индустријата и трговијата, при истовремен натамошен, но поумерен раст кај градежништвото.

Просечна годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци изнесува 1,4 отсто, при очекувања за стапка на инфлацијата од 1,5 отсто за целата 2019 година. Ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година засега од Народната банка се оценуваат како урамнотежени.

Комитетот ги нагласува неповолните ризици од надворешното окружување, особено оние предизвикани од неизвесноста поврзана со растечките трговски тензии.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...