Четиринаесен уметнички фотографии од Дејан Колевски од утре до 28 мај ќе може да се погледнат во НЛБ Галеријата на изложбата насловена како „Јапонија“.
Таа ќе се отвори утревечер во 20 часот.
Изложените фотографии изработени во црно-бела и колор техника. Истите се од Јапонија каде што во текот на мај 2016, авторот престојувал во градовите Токио, Јокохама, Осака, Кјото и Каназава.
– Јапонија ја посетив како турист без некоја однапред подготвена агенда за посета на места и знаменитости. Имав план само кои градови ќе ги посетам во текот на престојот од две недели. Уште пред да го планирам патувањето имав прочитано повеќе текстови и книги на тема Јапонија па мислев дека сум добро подготвен за допир се една различна култура. Сепак, Јапонија е сосема поинаков свет од оној во кој живееме, а тоа се сфаќа брзо по пристигнувањето. Тоа е земја на контрасти, а споевите или судирите меѓу традиционалното и модерното можат да се видат насекаде, почнувајќи од облеката на луѓето до архитектурата. Се надевам дека изложените фотографии на посетителите ќе им доловат дел од прекрасната Јапонија – вели Колевски.
Тој се заминава со фотографија од 1998 година и е активен член на Фото Сојузот на Македонија (ФСМ). Автор е на неколку изложби: „Места и моменти“ од мај 2005; КЦ „Точка“, Скопје; „Мотиви од Македонија“ која во мај 2007 му беше заедничка изложба со Христина Патчева; Изложба во рамките на денови на Македонската култура во Кел, Германија, „Поезијата на секојдневиоето“ во ноември 2013; Самостојна изложба на фотографии во Национална галерија на Македонија “Мала Станица“.
Колевски учествувал на повеќе државни и меѓународни изложби на фотографија. Неговите фотографии во континуитет се изложувани на манифестацијата „Денови на македонската фотографија“ почнувајќи од 2000 година и се дел од националните колекции на фотографии со кои Фото Сојуз на Македонија учествувал на FIAP (Fédération Internationale de l’Art Photographique ) изложби.
Тој е добитник и на неколку награди: Прва награда за колекција фотографии на „Денови на македонската фотографија” 2010 година; Диплома за фотографија на меѓународната изложба на фотографии „Фото Салон Куманово 2010″; Диплома за колекција на фотографии на „Денови на македонската фотографија” 2011; Втора награда за колекција фотографии на „Денови на македонската фотографија” 2012; Сребрен медал за фотографија ‘PERSPECTIVE One – International Salon of Fine Art Photography 2013; Бронзен медал за фотографија – Фото Изложба Куманово 2014; Диплома за колекција фотографии на „Денови на македонската фотографија” 2058; Прва награда за колекција фотографии на „Денови на македонската фотографија” 2018; Бронзен медал за фотографија – Фото изложба Balkan Frame 2018 година во Чачак, Србија.