Русија и САД можат да започнат дијалог за стабилизација на енергетскиот пазар, изјави денеска во Сочи рускиот претседател Владимир Путин на средба со американскиот државен секретар Мајк Помпео, на која присуствуваше и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.
– Знаеме дека САД стануваат најголем производител на нафта. Во таа смисла, треба многу да разговараме во врска со стабилноста на глобалниот енергетски пазар – изјави Путин.
Како што јави ДПА, руската економија, која е зависна од извозот на нафта, последниве години се соочи со криза, поради падот на цената на овој енергенс на светските берзи, како последица на презаситеноста на пазарот.
Средбата на Путин со Помпео и Лавров се одржа по нивните билатерални разговори на кои стана збор за односите меѓу Русија и САД, за случувањата во Венецуела, Сирија, Украина и на Корејскиот Полуостров и за Договорот за иранската нуклеарна програма.