САД предупредуваат на можни терористички напади во Израел за време на Евровизија

82

Амбасадата на САД во Израел објави безбедносно предупредување за сите американски граѓани во Израел.

Американската амбасада апелира Американците да бидат внимателни и да избегнуваат да патуваат во подрачја кои се мета на ракетирање од Појасот Газа.

Предупредувањето е објавено синоќа на годишнината од отворање на Амбасадата на САД во Ерусалим, што се совпаѓа со почетокот на Евровизија.

Терористичките групи можат да ја изберат годишнината што се совпаѓа со натпреварот за песна на Евровизија (14 – 18 мај) во Тел Авив и на Данот Накба (15 мај) да организираат насилни протести или напад, се посочува во соопштението од Амбасадата на САД.

Во Израел од 12 мај официјално е отворена недела на Евровизија во Тел Авив. Илјадници полицајци и медицински персонал се распоредени во Евровизиското село, бидејќи се очекува 300.000 луѓе да го посетат градот по тој повод.

Палестинските фракции во Појасот Газа ги мобилизираат Палестинците за утрешниот марш кон границата со Израел. Палестинците утре ја одбележуваат Денот на Накба (катастрофа), како што го нарекуваат создавањето на Израел во 1948 година. Во војната што потоа изби стотици илјади луѓе побегнаа или се протерани од своите домови на денешната територија на Израел.

Во судирите за време на првиот викенд од мај, Палестинците истрелаа над 700 ракети врз Израел при што загинаа четворица цивили. Тоа беа првите израелски жртви од војната помеѓу израелската армија и Хамас од 2014 година, што траеше 50 дена.

Израелската армија одговори на ракетирањето со напад од копно и од воздух, при што уби 25 Палестинци, меѓу кои десет екстремисти, две бремени жени и едно бебе.

За време на минатогодишниот протест по повод Денот на Накба по отворањето на Амбасадата на САД во Ерусалим загинаа повеќе од 60 Палестинци од израелски оган.

Израел тврди дека ја брани својата граница и ги обвинува екстремистите од Хамас, под чија контрола е Појасот Газа, дека ги користат масовните протести на границата како покритие за нападите. Протестите се одржуваат обично еднаш неделно, во петок, уште од крајот на март минатата година.

Палестинците протестираат и поради блокадата на Појасот Газа и за правото на враќање во своите домови во сегашен Израел.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...