Мадона не потпишала договор за настап на Евровизија, а Израелците велат дека доаѓа утре

Според пишувањето на „Ерусалем пост“, Мадона ќе пристигне во Тел Авив в среда за да присуствува на пробите.

309

Настапот на Мадона на натпреварот за песна на Евровизија организаторите го доведуваат во прашање бидејќи, како што наведуваат, не потпишала ниту договор за настап, пишува Би-би-си.

Извршниот супервизор на Евровизијата Јон Ола Санд изјавил во понеделникот дека „Европската радиодифузна унија никогаш не го потврдила настапот на Мадона“.

– Ако немаме потпишан договор, таа не може да настапува на нашата сцена – прецизирал тој.

Натпреварот се одржува на 18 мај во Тел Авив, Израел.

Појавувањето на Мадона на евровизиската сцена го објавија во април нејзините американски и британски публицисти.

Тие рекоа дека музичката ѕвезда би требало да изведе две песни во текот на Евровизијата – една од својот нов албум „Мадам Икс“ и уште една од нејзиниот каталог „Like A Prayer“ од 1989 година.

– Сега преговараме, во завршна фаза сме. Но, ако оваа недела не дојде до потпишување на договорот, таа нема да се појави на сцената – рекол Санд.

Според пишувањето на „Ерусалем пост“, Мадона ќе пристигне во Тел Авив в среда за да присуствува на пробите.

Не е јасно како Евровизија ќе ја пополни емисијата ако нејзиниот настап биде откажен.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...