Харадинај: Пораката на Могерини во Тирана беше „укинете ја таксата, веднаш ќе ви го поделам Косово“

758

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, изјави дека дијалогот меѓу Косово и Србија за постигнување конечен договор сега е во сигурни раце и нема веќе опасност да се разговара за поделба на земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на денешната прес конференција по седницата на Владата изрази задоволство што главниот збор во водењето на дијалогот Приштина – Белград веќе го нема шефицата на дипломатијата на Европската унија (ЕУ) Федерика Могерини, туку таа улога ја презедоа Германија и Франција.

– Важно е што тој процес сега е во сигурни раце и се одзеде од госпоѓа Могерини, со што се создаде стабилност, изјави косовскиот премиер.

Според него, изјавата на Могерини пред неколку дена во Тирана дека во моментот кога ќе се укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина таа веднаш ќе организира средба меѓу Приштина и Белград, може да се преведе како нејзина порака дека веднаш ќе го подели Косово.

– Могерини рече во Тирана укинете ја таксата, ќе ви го поделам Косово веднаш. Зарем не му доаѓа така? Штом ја укинете таксата ќе свикам состанок. Тоа така се преведува: Штом ја укинете таксата, веднаш ќе ви го поделам Косово. За среќа, таквите проекти сме ги прочитале на време. Таксата нема да се укине. Могерини го заврши својот мандат. Сега се изборите (за Европскиот Парламент), изјави Харадинај, изразувајќи благодарност на ЕУ за тоа што „ја отфрли платформата на Могерини“.

Тој рече дека не може да предвиди како ќе се одвива процесот на преговори со Србија, но не ја исклучи можноста конечниот договор да се потпише во Вашингтон, како што пред неколку месеци предложи американскиот претседател Доналд Трамп во писмата до претседателите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ.

Според косовскиот премиер, Соединетите Американски Држави никогаш не се повлекле од нивната улога во косовските процеси и самите оценуваат кога да ја преземат одговорноста во одредени моменти.

– Косово никогаш не ја исклучи Америка и никогаш нема да да направи такво нешто, изјави Харадинај.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...