Граѓаните и фирмите од сопствените компјутери ќе можат да проверат до каде е реализацијата на нивните предмети поврзани со приваризацијата. Министерството за финасии и Управата за имотно-правни работи (УИПР) од денеска ја стартуваа дигиталната платформа privatizacija.finance.gov.mk.
На платформата се предметите од последните две години, а за една година на неа ќе бидат поставени сите предмети или вкупно околу 90.000 предмети кои сѐ уште не се решени.
-Нема веќе предмети во фиока. Направивме системско решение, платформа преку која граѓаните и фирмите ќе можат од својот дом или канцеларии, преку компјутер да ја следат постапката за приватизација во Управата за имотно-правни работи. Ова значи дека граѓаните и фирмите ќе имаат постојано увид во која фаза е нивниот предмет – од прием на барањето за приватизација, преку обработка на предметот и решавање на истиот – до архивирање- рече министерот за финансии Драган Тевдовски.
Тој посочи дека придобивките од ваквиот пристап се дека граѓаните и фирмите добиваат нова и подобра услуга од управата, ќе се подобри ефикасноста на управата и ќе се изврши дигитализација на процесите.
Платформата е многу едноставна. Граѓанинот треба да го внесе архивскиот број на предметот, кога е поднесен, катастарската парцела и општина каде е поднесен. Ако не ги знае катастарската парцела или општината, ќе треба да го внесе матичниот број, а фирмата даночниот број. Софтверот потоа на е-поштата на граѓанинот или фирмата доставува податоци до каде е предметот.
Со оваа платформа Управата планира покрај другото да следи и како нејзините вработени ги реализираат предметите.
Директорката на УИПР, Шасине Касами, рече дека платформата била подготвена во 2013 година, но не знае кои биле причините сошто таа не била во функција.
– Ние ја искористивме оваа можност за да им понудиме подобра услуга на граѓаните. Наша цел е да бидеме ефикасна управа, која ќе им служи на граѓаните и фирмите и ќе понуди квалитетна услуга- рече Касами.