Помпео во непланирана посета на Брисел, Иран на дневен ред

53

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, денеска потврди дека државниот секретар на САД, Мајк Помпео, пристигнува во куса, непланирана посета на Брисел со цел консултации со Европската унија за Иран.

Могерини пред почетокот на состанокот на Советот на ЕУ на ниво на министри за надворешни работи информира дека во текот на ноќта е добиено соопштение за промена во планот за патување на американскиот државен секретар Помпео, кој ќе пристигне во Брисел во првата половина од денот.

– Тука сме цел ден и ќе најдеме време за средба со него. Консултации секогаш се добредојдени – во секое време. Нашиот став во врска со Иран останува непроменет – почитување на нуклеарниот договор и негово исполнување од сите страни, изјави Могерини.

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска ќе разговараат за напорите Иран да продолжи да ги почитува своите обврски во согласност со нуклеарниот договор. Ова е прва средба на шефовите на дипломатии на ЕУ откако Техеран минатата недела ги објави своите намери делумно да се повлече од договорот од 2015 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...