Американското воено присуство во Персиски Залив некогаш беше сериозна закана, сега е можност, ако тргнат на нас да ги удриме право во глава, изјави командантот на иранската Револуционерна гарда Амир Али Хаџизадех.
– Носачот на авион има од 40 до 50 авиони и околу 6.000 војници, што во минатото беше закана по нас, но сега заканите се претворија во можности – истакна Хаџизадех.
Во меѓувреме, командантот на иранската Револуционерна гарда Хосеин Салами во иранскиот Парламентот ја анализираше ситуацијата истакнувајќи оти Американците покренале психолошка војна во регионот. Генерал мајор Салами е именуван за шеф на Гардата минатиот месец.
Пентагон вчера соопшти дека ќе постави системи за противвоздушна одбрана со долг дострел „Патриот и амфибискиот воен брод „Арлингтон ЛДП-24“ во зоната на Централната команда на армијата на САД (ЦЕНТЦОМ), првенствено задолжена за Блиски Исток и Централна Азија.
„Овие сили ќе им се придружат на американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ и на единицата борбени авиони на САД во регионот на Блиски Исток, како одговор на индикациите за зголемена подготвеност на Иран да изведе офанзивни операции против воените сили на САД и нашите интереси“, се посочува во вчерашното соопштение на Пентагон.
Во соопштението се истакнува и дека САД не бараат судри со Иран, но оти се подготвени да ја бранат армијата на САД и американските интереси во регионот.
Претходно, советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон истакна дека распоредувањето на морски единици предводени од носачот на авиони „Абрахам Линколн“ и единиците на борбени авиони Б-52 во зоната ЦЕНТЦОМ, во Катар е сигнал за иранските власти.
Иранскиот ајатолах Јусеф Табатабија Нејад во петокот им порача на САД дека „нивната флота вредна една милијарда долари би можела да биде уништена со една ракета“.
Исто така и заменик шефот на Револуционерната гарда Јадолах Џавани во петокот изјави дека Техеран нема да разговара со својот најголем непријател – САД и оцени дека Вашингтон „нема да се осуди да покрене воена акција“ против Иран.
– Никакви разговори нема да се водат со Американците, а Американците нема да се осудат да преземат воена акција против нас – посочи Џавани.
Иран на 8 мај најави делумно повлекување од нуклеарниот договор од 2015 година, една година откако САД се повлекоа од спогодбата. Иранскиот претседател Хасан Рохани на европските лидери им даде рок од 60 дена да изнајдат начин да го заштитат Иран од американските санкции или во спротивно Техеран нема да ги продава резервите збогатен ураниум во странство и ќе ја интензивира преработката на ураниум.