На фестивалот „Војдан Чернодрински“ награда на Милчин за животно дело

Осум претстави на македонските театри ќе бидат во официјалната конкуренција за награди на годинашниов, 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 7 до 15 јуни во Прилеп.

705

Осум претстави на македонските театри ќе бидат во официјалната конкуренција за награди на годинашниов, 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 7 до 15 јуни во Прилеп. Фестивалот ќе донесе и неколку новини, а добитници на наградата за животно дело се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Ова денеска во Прилеп го соопшти уметничкиот директор на фестивалот, Катарина Коцевска.

Во официјалната програма на фестивалот се претставите: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на МНТ од Скопје; „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар-Скопје; „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија; „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар-Скопје; „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар; „Бакхи-краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица на Битолскиот театар; „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Струмичкиот театар  и претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Прилепскиот театар.

Според уметничкиот директор Катарина Коцевска, фестивалот има осум претстави и смета така да биде и во иднина, бидејќи, вели, не е ревијален. Првпат годинава се воведува наградата од публиката – мермерна статуетка на Чернодрински.

– Прилепската публика, тврдам одговорно, е најдобрата која знае да следи театар и од оваа година ќе има можност да гласа за претставите и ќе се гласа по секоја претстава. Начинот и деталите за гласање ќе бидат објаснети на почетокот на фестивалот. Фестивалското жири доделува бронзена статуетка на патронот Војдан Чернодрински, а наградата од публиката, за тоа разговаравме со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, ќе биде статуетка од мермер, по кој е препознатлив градот и ќе имаме спој со овој голем театарски настан што, пак, е одлика на градот. Уште една важна новина е враќањето на разговорите за претставите, т.н. разговори на тркалезната маса. Ќе се одржуваат веднаш по одигрувањето на претставата и ќе учествуваат еминентни критичари, а секако свој удел може да има и публиката. Ова, всушност, е враќање на разговорите кои се одржуваа порано на фестивалот – објасни Коцевска.

Фестивалот ќе понуди и богата придружна програма со претстави на театрите што не се во официјалната програма и претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности. Придружната програма е во фаза на дефинирање. Со која претстава ќе биде отворен МТФ „Војдан Чернодрински“ засега не се открива и се чува како пријатно изненадување.

– Фестивалот ќе добие своевидна електронска верзија. Од годинава како новина, сите настани на фестивалот ќе бидат достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата на Фестивалот. За ова веќе со месеци разговараме и го правиме тоа на начин како што прават студентите на ФДУ кај професорот Игор Венцоски, рече Коцевска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...