Во рамките на Биеналето во Венеција, една од најзначајните меѓународни манифестации за визуелни уметности, беше отворен и павилјонот на Северна Македонија со проектот Субверзија во црвено на уметницата Нада Прља во Палацо Рота Иванчиќ со перформативното уметничко дело „Црвена дискусија“, соопштуваат од владината прес служба.
Оттаму информираат дека учеството на нашата држава на годинашното Биенале го прогласија за отворено Мира Гаќина, директор на Музејот на современата уметност (МСУ), кој оваа година е носител на нашиот настап, Јованка Попова куратор на изложбата, со пригодни поздравни говори на министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Роберт Алаѓозоски, национален координатор за култура.
Како одговор на темата „Да живеете во интересно време“, избрана од кураторот на годинашното Биенале Ралф Ругоф, проектот на Нада Прља „Субверзија во црвено“ поттикнува враќање кон „заборавените“ идеи за идеализмот и идеологијата, како вид на мотивација за современото општество.
Проектот, како што се наведува во соопштението, користи различни уметнички и неуметнички методологии, вклучувајќи ја Црвената дискусија II, експериментален настан во живо со неколку современи мислители и куратори ангажирани во трансформативни практики, меѓу кои Чарлс Еше, Маурицио Лазарато, Влад Морариу (модератор), Шантал Муф, Лаура Раикович, Артан Садику, кои заеднички ќе се обидат да најдат излезни стратегии од сегашните услови на социјална несигурност и експлоатација, преку дефинирање на алтернативни услови за „интересното време“ во кое живееме.
Изложбата ја вклучува и инсталацијата „Суптилна субверзија“, инсталација која редефинира серија на историско значајни уметнички дела од 1960-тите од колекцијата на МСУ Скопје, колекција заснована на концептот на Солидарност, како еден од клучните постулати на левичарската мисла и клучна аспирација на овој проект, велат од владината прес служба.