По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, ЕВН официјално го отвори целосно реновираниот тренинг центар за вработени во Македонски брод. Во тренинг центарот, над 1.000 вработени од целата држава, користејќи ги новите едукативни содржини ќе можат да стекнат практични вештини и знаења во областа на електротехниката, со посебен акцент на квалитетот и безбедноста при работа.
– Природата на нашата дејност е специфична и ги изложува вработените на различни ризици и предизвици. Дополнително, широко распространетата мрежна инфраструктура и обемот на работа при управувањето со истата несомнено има влијание и на животната околина. Токму затоа, една од нашите најсилни заложби е грижата за здравјето и безбедноста на нашите вработени и зачувувањето на животната околина. Во Македонски Брод изградивме современ тренинг центар со цел најсоодветно да ги подготвиме вработените да се справат со предизвиците од нивното секојдневие – изјави за време на настанот Харалд Дамерер, управител на Електродистрибуција, дел од ЕВН Групацијата.
Во тренинг центарот целосно опремени се над 2.500 m2 надворешен простор и 550 m2 внатрешни простории. Содржините вклучуваат: надворешен полигон за вежби со нисконапонска и среднонапонска мрежа, компактна трафостаница, мерни ормари, изложбен простор со материјали за инсталација во мрежа, просторија со надгледни едукативни средства и опрема за заштита и здравје при работа, информативни експонати за заштита на животна средина, училници и заеднички простории за престој и хигиена.
-Тренинг центарот во Македонски брод го изградивме како кулминација на нашите континуирани напори за безбедност и здравје при работа на вработените. Изминатиот период спроведовме кампања за подигнување на свеста кај вработените за значењето и начините за заштита и здравје на работното место. Во едукативните содржини најголем акцент е ставен на правилното и квалитетно рaботење при изградба, одржување и санација на мрежата, но и услужувањето на корисниците – изјави Сашо Стојкоски, член на Управниот одбор на ЕВН Македонија.
ЕВН оваа година е добитник на повеќе награди за најдобри практики во областа на безбедноста и здравјето при работа од страна на Националниот совет за безбедност и здравје при работа и стручните здруженија за безбедност и здравје при работа. Со изградбата на тренинг центарот овозможуваме надградување и продолжување на активностите за унапредување на здравјето и безбедноста на нашите вработени.