Finance Think: Бизнисот ќе издржи минималец од 13.000 денари, но оптимумот е 12.875 денари

Оваа оценка интитутот ја соопшти откако Владата најави дека се очекува минималната (нето) плата да се зголеми на 13.000 денари, почнувајќи од 1 јули 2019 година.

995

Институт за економски истражувања и политики Finance Think оценува дека ниво на минималната плата од 13.000 денари во јули 2019 би било издржливо во сегашниот економски контекст, односно не претставува опасност по работите места што е потврдено и од работодавачите. Но, од Институтот, пресметале дека оптимална минимална плата за 2019 година би требало да изнесува 12.875 денари.

Оваа оценка интитутот ја соопшти откако Владата најави дека се очекува минималната (нето) плата да се зголеми на 13.000 денари, почнувајќи од 1 јули 2019 година.

– Teковната најава за зголемување на минималната плата на ниво од 13.000 денари значи ад-хок зголемување (наместо следење на трендот на усогласување), во износ од 4%- велат од Институтот.

Согласно проекциите на Finance Think, просечната плата во 2019 година се очекува да надмине 25.000 денари со очекуван раст од 4,2% во однос на 2018 година.

Согласно ваквите тенденции, кои се одраз на движењата на продуктивноста во економијата, Finance Think проценува дека ниво на минималната плата од 13.000 денари во јули 2019 би било издржливо во сегашниот економски контекст, односно не претставува опасност по работите места. Тоа беше потврдено и низ квалитативна анализа на интервјуа со работодавачи.

Според нив, оптималното ниво на минималната плата во моментот изнесува 12.875 денари и се проценува да достигне 13.819 денари во 2021 година.

Finance Think апелира:

  • Дебатата за минималната плата да се ограничи на економски рамки и очекувањата на јавноста да се потпрат на економски принципи, наместо на популистичка реторика, што во крајна линија може да загрози многу работни места во нископлатежните сектори.
  • Пожелно е Владата да посвети итно и опсежно внимание на теренското спроведување на одредбите од трудовото законодавство, и тоа оние сврзани со плаќањето на трудот, особено, доминацијата на исплата на плата во плико кај 62% од работниците осигурени на минимална плата е загрижувачка тенденција која мора итно да се адресира како и останатите работнички права за постоење договор за ваботување, користење денови од одмор, плаќање прекувремена и работа во викенд и сл., особено поради тенденцијата што нивното прекршување е повеќе нагласено кај примателите на минимална плата
  • Да се напушти тврдењето дека порастот на минималната плата поттикнал раст кај другите плати. Наодите укажуваат дека тенденцијата е спротивна, односно дека постои компресија на платите на и околу нивото на минималната плата, односно она што работодавачите го нарекуваат „урамниловка“. Поагресивни и поиздашни мерки кои ќе поддржат раст на останатите плати се потребни, и особено ревизија на мерката за субвенционирање 30% од порастот на платите во опсегот меѓу минималната плата и 18.000 денари. Во крајна линија, ниту една парцијална мерка не може да го замени влијанието што посилен раст на економијата би го имал врз платите.

Минималната плата, како инструмент на политиките, беше воспоставена во 2012 година, на тогашното ниво од 8,050 денари (6.263 денари во секторите текстил, кожа и обувки). До денес, таа беше зголемена неколку пати, со најзначајното зголемување во септември 2017 на 12.000 денари и израмнување во секторите текстил, кожа и обувки. По ова зголемување, беше извршено усогласување со растот на БДП, растот на платите и трошоците на живот во два наврати, со што, моментално, минималната плата изнесува 12.504 денари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...