Економијата, европските избори на 26 мај, новиот пакет позитивни мерки на Владата, како и дневно-политички, внатрешни теми, се најдоа во фокусот на обраќањата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и лидерот на опозициската Нова демократија, Кирјакос Мицотакис на почетокот на тридневната дискусија за гласање доверба на Владата, а во долгите и опширни обраќања не изостанаа и меѓусебните обвинувања и „препукувања“ на високи тонови, јави дописничката на МИА од Атина.
Ципрас изјави дека во 2015 година наследил распадната држава, општество во очај, празна државна каса и дефицит, а тие како Влада успеале да ја извлечат земјата од меморандумската политика.
Во говорот, грчкиот премиер го постави прашањето дали земјата треба да продолжи напред согласно планот и мерките што тој ги објави или треба да се врати назад на политиката на ММФ и на намалување на платите и пензиите.
Тој истакна дека одново бара доверба врз основа на планот за развој на грчката економија и поддршка на грчкото општество презентиран завчера преку позитивните пакет мерки.
– Денеска барам доверба од Парламентот, но и на 26 мај, на европските избори, доверба од грчкиот народ врз основа на планот за издигнување, закрепнување и зајакнување на многумина, што се однесува на денес и утре, но и генерално, би рекол на следните четири години – рече Ципрас.
Грчкиот премиер одговори и на критиките дека позитивните мерки всушност се предизборни ветувања и предизборни „подароци“.
– Не, дами и господа пратеници, не се ветувања, не се трикови, не се подароци. Тоа е правда. Тоа е враќање на она што беше украдено од грчкиот народ во изминатите години. Тоа е најмалку што можеме да направиме за многумина. И е почеток на нов праведен развоен пат за земјата, но е и практично почитување на жртвите на еден народ кој страдаше – наведе грчкиот премиер.
Лидерот на опозициската Нова демократија, му порача на Ципрас дека во изминатите 24 часа се обидува да ја смени темата на интерес.
– Ветувате дека ќе вратите многу малку од многуте работи што ги одземавте од граѓаните за четири години. Но, општеството, ги плати и ги плаќа даноците што Вие ги наметнавте и ова го знае многу добро. А во предизборни ветувања и подароци во последен момент ја гледа само вашата паника да ја смените насока на дискусијата – рече Мицотакис.
Тој ги повика Грците на 26 мај, на европските избори да испратат „јасна и силна порака на надеж, порака за промена и оптимизам“ додавајќи дека земјата набргу ќе сврти нова страница.
Од дискусијата и препирката помеѓу Ципрас и Мицотакис не изостана и телевизискиот дуел. Грчкиот премиер, уште еднаш му се обрати на лидерот на Нова демократија со покана за ТВ дуел и го праша зошто не сака да прифати.
Мицотакис наведе дека тие не се телевизиски личности за да одат по телевизиите и да се занимаваат со тоа кој ќе има поголема гледаност.
– Овде е храмот на демократијата, господине Ципрас, овде ќе разговараме и овде ќе дадете објаснувања. Ако сакате телевизиска дебата, можете да направите нешто многу едноставно: распишете сега национални избори и ќе одржиме колку дуели сакате кога ќе се затвори Парламентот – истакна Мицотакис.
Тема за меѓусебни обвинувања беше и кандидатот за претседател на Европската Комисија од Европската народна партија, Манфред Вебер за кој Ципрас рече дека води антигрчка политика, а кој е поддржан од Нова демократија.
Тридневната расправа во грчкиот Парламент започна синоќа, продолжи утрово, а гласањето на пратениците за доверба на Владата се очекува да биде утре на полноќ.