Пресметките за моделот на прогресивното оданочување кај персоналниот данок од доход се направени и наскоро јавноста ќе може да дискутира за нив. Точно се знае колку луѓе ќе бидат опфатени со стапката од 18 отсто. Колку ако долната границата биде 1.000 евра, колку ако биде 1.500 евра, а колку ако тоа бидат 2.000 евра индивидуален месечен приход.
Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев на одбележување на Денот на буџетот, по повод 26 години од донесувањето на првиот буџет на независна Република Македонија.
Тој соопшти дека парите кои ќе се соберат по тој основ ќе бидат строго наменски.
– Ако со 18 отсто се оданочи месечниот приход над 1.000 евра тоа ќе засегне 74.000 граѓани. Процентот на засегнати граѓани е многу мал, а се добива сериозен износ и тој може да се алоцира таму каде што парите се потребни. Со прогресивното оданочување точно ќе знаеме колку пари ќе добиеме, но тие пари ќе бидат строго наменски и точно ќе се знае каде ќе одат. Така, ако на пример добиеме 30 милиони евра, ќе знаеме каде да ги распоредиме, а со помош на Министерството за труд, ќе можеме да дојдеме и до еден пристоен праг на социјална помош од 12.000 денари – рече Заев.
Премиерот нагласи дека при промената на системот на оданочување ќе се оди постепено и со период на прилагодување на даночните обврзници.
И ставот на академик Таки Фити, кој во дускусијата учествуваше и како поранешен министер за финансии, околу даночните рефроми е да се оди внимателно, бидејќи, како што рече, тие влијаат на инвеститорите.
– Треба да се направи научна анализа и да се утврдат последиците пред да се направи промена на даночниот систем – рече Фити.
Професорот Никола Поповски, пак, смета дека не треба да чека и треба да се почне со примена на променетата стапка на оданочување.
– Даночната сртапка би ја применил без пардон. Дури и треба да има поголем распон 10, 15, 18 и 20 отсто – рече Поповски.
Според него, добро е да се дебатира за темата, но како што рече, не гледа дека во дебатата се вклучени 98 отсто од граѓаните кои не се во клубот на оние два отсто кои имаат приходи повисоки од 1.000 евра.
Петар Гошев, пак, смета дека само со промената на даночната стапка кај персоналецот нема многу да се промени состојбата со социјална нееднаквост која расте.
– Потребно е да се отстрани сегашниот систем на рамен данок и да се воспостави пропорционалниот – рече Гошев.