Заев и Тевдовски во обид да обезбедат повеќе пари за инвестициите во земјава

Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја која имплементира над 150 проекти.

160

Регионалната поврзаност, зголемување на конкурентноста и капацитетите на нашите компании, зголемување на соработката на целиот регион, дигитализацијата, патната инфраструктура и енергетската инфраструктура, сето она што живот значи и во нашата земја се главните теми за кои се разговара на денешните средби кои ги реализираа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии, Драган Тевдовски во рамки на Генералното собрание на ЕБОР во Сараево, Босна и Херцеговина.

Заев рече дека ЕБОР претставува исклучително важен стратешки економски партнер на земјава.

– Нашиот фокус е да ги мотивираме да пласираат повеќе пари кај малите и средни претпријатија заради тоа што развојот на земјата го гледаме токму преку тоа. Верувам дека тоа ќе се случува во периодот што претстои пред нас, во реализацијата на големите капитални инвестиции како што е патната инфраструктура, третата фаза од железничката пруга, продолжување на проектите како што се гасификација, енергетска поврзаност, нови енергетски извори, и многу други проекти важни за граѓаните и за севкупниот раст и развој на економијата на Северна Македонија – нагласи премиерот Заев.

Министерот Тевдовски најави дека во јуни на Бордот на директори на ЕБОР треба да се одобри Новата стратегија за соработка со Република Северна Македонија 2019-2024 година кој има три приоритети.

– Првиот приоритет е поддршка на конкурентноста. Преку овие проекти треба: да се подобрат деловните вештини, да се подобри пристапот до работни места за млади, жени и население кое живее во недоволно покриени подрачја, како и да се подобри конкурентноста на приватниот сектор. Вториот приоритет е јакнење на регионалната интеграција и поддршка на приближувањето кон ЕУ. Преку овие проекти треба да се подобри поврзувањето преку вложување во транспортна и енергетска инфраструктура, дигитализација и усогласување на деловните практики. Третиот приоритет е насочување кон „зелена економија“, односно одржлива енергија и поголема ефикасност при управување со ресурсите. Овие проекти треба да ги зајакнат капацитетите на обновлива енергија, да се зголеми енергетската ефикасност и ефикасност на ресурсите како и подобра еколошка инфраструктура на локално и општинско ниво – рече Тевдовски.

Тој додаде дека реализацијата на сите овие проекти ќе придонесе и за праведен и одржлив економски раст и ќе придонесат за подобар живот на граѓаните.

Европската банка за обнова и развој е инвеститор од 1,9 милијарди евра во нашата земја која имплементира над 150 проекти.

На средбите учествуваат премиерите на земјите од Западен балка.

Во тек на на 28.Годишен состанок на Одборот на гувернери, инвестициска конференција и бизнис-форум ЕБОР се очекува присуство на повеќе од 2 000 претставници на меѓународната бизнис-заедница, инвеститори, гувернери на ЕБОР, министри за финансии, економисти, благајници или централни банки, претставници на граѓански организации.

Европската банка за обнова и развој, како меѓународна финансиска институција што поддржува проекти во над 30 земји од светот, минатата година инвестира 1,1 милијарда евра во државите од Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...