Најди начин да ги видиш „Лицата без маски“

133

Уникатна и исклучително квалитетна програма на претстави, најавуваат организаторите за 11 по ред Интернационален театарски вестивал „Лица без маски“. Фестивалот ќе трае од 12 до 16 април, ќе се одржи на повеќе сцени низ Скопје под мотото: „Најди начин“.

„Лица без маски“ ќе се отвори во Домот на АРМ со документарната и политички ангажирана претстава „Јами Дистрикт“, во режија на истакнатиот Кокан Младеновиќ, а во продукција на Тиватскиот културен центар и Битеф театар од Србија.

„За прв пат во нашата земја во периодот од 13 до 15 април, по три пати дневно македонската публика ќе има можност да ја почувствува магијата на т.н. „сензорна“ претстава, на експерименталниот и независен театар Понтен Пие од Шпанија, кој во својата куќичка поставена пред платото на Универзална сала, ќе ја изведе претставата „Артик“, во режија на Серџи Отс. Само ограничен број од 20 посетители на една изведба, ќе имаат можност да ја видат и почувствуваат магијата на студениот „Артик“, а доживувањето е бесценето и уникатно“, потенцираат организаторите.

Од интернационалната програма во рамките на фестивалот на 14 април, на малата сцена во МНТ ќе биде изведена претставата „55 нијанси на геј“, во режија на Блерта Незирај, а во изведба на Ќендра Мултимедија  од Косово.

Од македонската независна продукција, на 13 април, со почеток од 22 часот, на малата сцена на Универзална сала-Скопје, ќе гостува Интимен Тетар од Битола, со претставата „Три напред, три назад“ во режија на Софија Ристевска, минатогодишна добитничка на наградата за најдобра режија на „Лица без маски“.

Последната вечер, од фестивалот на 16 април, со почеток од 20 часот, во ДТЦ-Стар Чаршија, ќе настапат минатогодишните победници на фестивалот, независниот театар Артопиа со претставата „Ужегнатост“ во режија на Владимир Милчин, а од 22 часот на малата сцена на МОБ, пред доделувањето на трите фестивалски награди, ќе биде изведена кореодрамата „ЛА ЛА ЛА“, авторски проект на Саша Евтимова.

Билетите за сите претстави може да се набават преку продажната мрежа на МКТикетс, како и на билетарата на Универзалната сала.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...