Канцеларијата на Обединетите Нации за борба против тероризмот започна нова програма за да им помогне на земјите да го откријат и спречат движењето на странските борци кои се бореле во редовите на екстремистичките групи, како што се Исламска држава и Ал Каеда.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека оваа програма користи нов софтверски систем за собирање, обработка и размена на информации за тие патници со национални и меѓународни власти.
Тој рече дека по поразот на Исламска држава во Сирија и Ирак, многу од странците кои таму се бореле, а се проценува дека вкупно се повеќе од 40.000, се обидуваат да се вратат дома или да заминат на безбедно, каде ќе можат да изведуваат терористички напади и да регрутираат нови следбеници.
Гутереш рече дека „откривањето на овие терористи и други високоризични криминалци е најголем приоритет на меѓународната заедница“.