Историски пораки од големиот државник

„Рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг“. Секако, ова се универзални пораки на папата, пораки со глобално значење, но би се осмелил да кажам дека тие добиваат посебен акцент денес и овде, во македонското општество, на кое во овие пресвртни мигови трагично му недостасува поголема сплотеност и чувство на самодоверба.

4779

Папата Франциск, поглаварот на Римокатоличката црква, при својата прва, историска посета на Македонија, испрати исклучително значајни политички пораки од Скопје. Навистина вреди внимателно да ги прочитаме и да ги разбереме, но и да ги доживееме како поттик и инспирација за нашето идно живеење.

Спротивно на обидите на некои наши локални ситни души за себенегирање и за отфрлање на нашата богата духовна и културна историја и традиција (есенцијата на нашиот самооспорен идентитет), обраќајќи ни се со зборовите „вашата земја“, папата нѐ потсети дека „со историските сведоштва од нејзиното византиско и отоманско минато, со монументалните тврдини низ планините и прекрасните иконостаси во старите цркви кои ја докажуваат христијанската присутност од времето на Апостолите, се изразува нејзината богата илјадалетна култура што ја наследила“.

Повторувам – богата илјадалетна култура!

Нашето најценето и најважно наследство се мултиетничкиот и мултирелигискиот состав на ликот на нашиот народ, плод на богатата историја и комплексните односи низ минатите години, нѐ поучи папата, нагласувајќи дека „оваа мешавина од етнички и религиозни култури и припадности, беа причина да се стаса до мирен и траен соживот, во кој посебните идентитети разбраа и можат да се изразат и да се развиваат без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите“.

Повторувам – без да бидат негирани, угнетувани или дискриминирани од другите!

Овие „посебни карактеристики“, како што нагласи поглаварот на Римокатоличката црква, „во исто време се од важно значење за патот кон што побрза интеграција со европските земји“. Светата столица се заблагодари и за напорите што ги направи „нашата република“ за да ги прими и да им осигури помош на големиот наплив на мигранти и бегалци од разни земји од Блискиот Исток.

Да се надеваме дека овие поенти ќе одекнат од Скопје до Брисел, особено сега, кога очекуваме портата на Европа и за нас широко да се отвори.

Сепак, клучната порака што ни ја упати папата од мисата на плоштадот „Македонија“ во Скопје, пред околу 15.000 луѓе, беше порака за мир, соживот, поголема љубов кон Бога, а „рамнодушноста и клеветите да се заменат со чувствителност и надеж, да се надминат стереотипите и повеќе да се грижиме еден за друг“. Секако, ова се универзални пораки со глобално значење, но би се осмелил да кажам дека тие добиваат посебен акцент денес и овде, во македонското општество, на кое во овие пресвртни мигови трагично му недостасуваат поголема сплотеност и чувство на самодоверба.

Во таа смисла, посетата на папата Франциск навистина дојде во вистинското време и на вистинското место. И меѓу вистинските луѓе, се надевам.

ПС. Папата многу внимателно ги избра деловите во своите обраќања во кои го употреби новото службено име на нашата земја (Република Северна Македонија), како и деловите во кои употребуваше синоними. Фасцинантно чувство за политичкиот сензибилитет и за реалноста! Треба да се срамат сите што пренесувајќи ги неговите настапи, овие значајни нијанси ги занемарија и дури и си дозволија да го „поправаат“ големиот државник. Некаде прочитав и едно комично тврдење дека „посетата на папата Франциск е еден од најголемите настани во историјата на Северна Македонија“. Да де, историја долга цели четири месеци.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...