Зголеменото потење во текот на високите температури и физичката работа е нормален процес, но ако тоа ви се случува и без да правите ништо, тогаш треба да одите на лекар.
Истражувањата докажале дека интензивното потење често се јавува кај луѓето што боледуваат од дијабетес тип 2 и земаат инсулин. Меѓутоа, експертите истакнуваат дека потењето се засилува и кога нивото на шеќер во крвта значајно ќе опадне (хипогликемија).
Исто така, ако покрај потењето се јавува и чувство на глад, сува уста и срцето забрзано чука, тогаш можно е да страдате од низок шеќер во крвта. Хипогликемијата се одразува и на спиењето. Ако се будите среде ноќ поради главоболка, изморени и секогаш се потите кога ќе се разбудите, тоа може да е знак на хипогликемија.
Засиленото потење може да укажува и на други опасни состојби, какви што се проблеми со нервниот систем, срцев удар, одредени типови карцином, опасни инфекции и анксиозност. Ако често се будите мокри од пот или засилено се потите, дури и кога не е топло, задолжително одете на лекар и дознајте дали сте изложени на ризик од некои болести.