Паметни села и воведување интернет технологија во земјоделското произвосдство со кои би се намалиле трошоците во производството, а загубите свеле на минимум, се дел од она што ги очекува земјоделците во наредните години, но пред тоа власта ќе треба да реши низа проблеми поврзани со земјоделскотоп производство и да спроведе реформи во секторот пред влезот во Европската унија.
Ова денеска го посочија на прес конференција во Стопанската комора како дел од она за кое ќе се расправа на претстојната Меѓународна конференција за земјоделството.
Од комората велат дека ќе бидат покренати најмалки 15 прашања кои се значајни за новата стратегија во земјоделството која ќе треба да ги прифати власта.
– Европа веќе на големо расправа за развојот на дигиталните села. Кај нас интернет технологијата е застапена во неколку поголеми комбинати, а кај индивидуалните производители, главно постарите се чувствува отпор од воведување на новините. Има интерес кај помладите индивудуални земејоделци кои подобро се справуваат со технологијата – вели Васко Ристовски од Комората.
Според него, софтверските решенија не се многу скапи и носат поволности за земјоделците.
– Едно софтверско решение за земјоделството годишно чини до 140 евра, а придонесува за намалување на трошоците и загубите, влијае на подобрување на квалитетот на производството и зголемување на конкурентноста –додава Ристовски.
Проценките на Комората се дека потенцијалот на земјоделството не е искористен, а политиката на субвенционирање не ги дава очекуваните развојни резултати.
– Нашето земјоделство е пред крстопат, на прагот на трансформација во модерно, но е соочено и со многу предизвици. Од една страна се светските движења и климатските промени, а од друга – конкурентноста и примената на новите, ИТ решенија – вели Ристовски.
Ристовски вели дека субвенциите имале социјална димензија, но не дале резултати во унапредувањето на земјоделското производство.
– Развојната нота, за жал, не постои, но субвенциите сепак одиграа некаква улога. Го ублажија ударот од конкуренцијата и до некаде го одржаа земјоделство на одредено ниво – рече Ристовски.
Тој смета дека со директната финансиска поддршка не може да се создаде атрактивен агросектор, туку е потребно преструктуирање и воведување нови технологии.