Издавачки центар ТРИ во пресрет на својот 20 годишен јубилеј за Саемот на книгата најавува богата и амбициозна саемска програма со многу нови звучни наслови, гостувања на странски автори, промоции, предавања, разговори, дружења и многу други активности што ќе се случуваат од 8 до 14 мај, во ВИП-арената „Борис Трајковски“ на 31 издание од оваа манифестација.
На македонски конечно пристигаат големиот светски бестселер „12 животни правила“ од прочуениот психолог и интелектуалец Џордан Питерсон, последниот роман на Ирвин Јалом „Проблемот Спиноза“, прекрасниот интерактивен водич „Здраво Скопје“, преводи на бестселерите „Коефициент на љубовта“ од Хелен Хоанг, „Несаканиот гостин“ од Шари Лапена, „Начинот на волкот од Волстрит“ од Џордан Белфорд, „Островот Камино“ од Џон Гришам, „Навики за успех“ од големиот Наполеон Хил, а и новите изданија на неколку врвни дела од македонската книжевност – „Ќерката на Математичарот“ од Венко Андоновски, „Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска-Георгиева, како и „Небеска Тимјановна“, „Дениција“ и „Пиреј“ од великанот Петре М. Андреевски.
ТРИ на македонски ги носи најуспешниот светски серијал за деца „Дневникот на едно шмокле“ од Џеф Кини, „Која е бојата на бакнежот“ од Росио Бониља, „Градината на китот“ од Тон Телеген, „Книга за гробиштата“ од Нил Гејман и многу други.
Посебно место во саемското претставување ќе имаат тројца прочуени автори што ќе бидат специјални гости на штандот на ТРИ – една од најпопуларните крими-авторки од Шведска, Кристина Улсон, ќе го промовира својот извонреден трилер за млади „Стаклените деца“, унгарската добитничка на Европската награда за литература Едина Сворен ќе ја претстави својата наградена книга „Нема, и нека не ни има“, а за првпат во нашата земја ќе гостува и еден од најпознатите словенечки писатели за деца Винко Модерндорфер, автор на многу популарната книга „Како во филм“.
Гостувањето на тројцата автори се реализира во рамките на проектите „Европски приказни“ односно „Калеидоскоп“ поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Министерството за култура на РМ.