Македонската филхармонија, Министерството за култура и компанијата „Штрабаг“ денеска одржаа прес-конференција во Камерната сала на Македонската филхармонија, по повод пристигнувањето на новото концертно пијано од престижната марка „Стенвеј“.
Пијаното е донација за Македонската филхармонија од една од водечките европски компании во областа на градежништвото „Штрабаг“, а на пресот се обратија Роберт Алаѓозовски, министер за култура , Виктор Илиески, директор на Македонска филхармонија и Горанчо Аговски претставник од Македонија за „Штрабаг“.
По пресот, концертното пијано беше презентирано од македонскиот млад и талентиран пијанист Арда Мустафаоглу, кој ја изведе Токатата од македонскиот композитор Властимир Николовски.
„Донацијата на концертното пијано претставува историски чин не само за Македонската филхармонија, туку воопшто за музичката култура во нашата земја. Немерлив е квалитетот на овој инструмент со останатите, немерлива е разликата во однос на изведбата, особено кога станува збор за изведба на солист со симфониски оркестар. Токму затоа, мошне значаен чекор е што Македонската филхармонија во својот дом ќе поседува инструмент со врвен звук, на кој ќе можат да музицираат светските и македонските пијанистички ѕвезди“, се наведува во сопштението.
Македонската филхармонија, пред оваа донација, поседуваше само едно концертно пијано, исто така од марката „Стенвеј“, кое оваа институција го доби во 1992 година од страна на тогашното ПТТ Македонија како донација. Од тогаш поминаа повеќе од две децении и токму во моментов, кога првата музичка институција во земјава доби нов концертен храм, се почувствува огромната потреба и од ново концертно пијано на кое без никакви технички пречки ќе можат да свират славните пијанисти кои настапуваат на подиумот на Македонската филхармонија.
– Би сакал да се заблагодарам на компанијата ‘Штрабаг’ за оваа вредна донација од речиси 160.000 илјади евра, резултат на меѓусебното почитување и исклучително коректен и професионален однос. Во изминатите месеци интензивно контактиравме, барајќи начин за решавање на непријатностите создадени од најголемиот долг што го остави претходната власт, оној за изведба на објектот на Македонската филхармонија, кој освен тоа, ни беше оставен во наследство недовршен, без технички прием, централно греење и со други големи проблеми. Успеавме да ги решиме сите предизвици и да го отвориме објектот на време за сезоната. За долгот од 15 милиони евра, со компанијата ‘Штрабаг’, на обострано задоволство, договоривме динамика на исплата, со која ги исполнуваме нашите обврски и спречуваме огромни камати од стотици илјади евра месечно и штета по буџетот на граѓаните – истакна министерот Роберт Алаѓозовски.
Концертното пијано „Стенвеј“ ќе биде во функција не само за уште поквалитетна работа на вработените во Филхармонијата, туку ќе биде од извонредна помош за организирање на ексклузивни концерти и гостувања на врвни светски музичари, за чие концертирање се потребни врвни услови, рече Алаѓозовски.
Инаку, освен оваа донација, компанијата во текот на годинава ќе обезбеди и едно врвно гостување – австрискиот диригент Густав Кун, кој ќе диригира со оркестарот на Македонската филхармонија на 18 октомври 2018, со изведба на грандиозната Бетовенова Деветта.
– Концертното пијано официјалната промоција ќе ја има на 10 мај, со гостувањето на рускиот пијанист Евгениј Судбин. Со новата зграда, со новото концертно пијано, Македонската филхармонија живее нов живот, следи успешни настани кои заслужуваат да бидат реализирани во овој дом. Ова е голем чекор за нас кој ќе остави силен печат во македонската култура воопшто – истакна директорот на МФ, Виктор Илиески.