Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган побара победата на опозицијата на локалните избори во Истанбул да биде прогласена за ништовна. Шефот на државата побара повторно гласање во турскиот мегаполис, што дополнително го зголеми притисокот врз Врховната изборна комисија во земјата.
– Сосема е јасно дека има неправилности и корупција – рече Ердоган на бизнис форум во Истанбул.
Тој додаде дека „ако Врховната изборна комисија може да ги отстрани сите сомнежи, тоа ќе ја олесни совеста на нашите граѓани“.
Се очекува Врховната изборна комисија да се состане в понеделник со цел да се разгледа барањето на владејачката Партија на правдата и развојот да ги поништи резултатите од изборите што се одржаа на 31 март. На гласањето за градоначалник на Истанбул победи главниот опозициски кандидат Екрем Имамуглу, но со малку гласови предност.
Делумни пребројувања на гласовите беа спроведени и во Анкара и во Истанбул, но со тоа беа само потврдени претходните резултати.
ФОТО: EPA / ERDEM SAHIN