Шанахан: САД се подготвува да ја исклучи Турција од набавката на американски борбени авиони

213

Министерството за одбрана на САД се подготвува да ја исклучи Турција од проектот за набавка на американски борбени авиони Ф-35, поради намерата на Анкара да купи противракетен одбранбен систем С-400 од Русија, изјави денеска американски секретар за одбрана, Патрик Шанахан.

Тој минатата недела разговараше со раководството на компанијата „Локид Мартин“ и „Јунајтед технолоџис корпорејшн“ за последиците за исклучување на Турција од програмата за производство на Ф-35.

Шанахан рече дека сака да ги елиминира негативните последици кон останатите купувачи на Ф-35, но додаде дека треба да се разговара со Турција.

Тој нагласи дека Турција останува стратешки партнер на САД и дека билатералните односи на двете земји се подобри од пред два или четири месеци, токму поради зачестените контакти.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека Турција може да соработува со која било друга земја доколку САД одбијат да и испорачаат авиони Ф-35.

Министерот за одбрана Хулуси Акар, пак, вчера рече дека Турција не се дистанцира од НАТО алијансата со купувањето руски ракетен систем С-400, додавајќи дека Анкара не треба да биде исклучена од проектот за набавка на американски борбени авиони Ф-35 поради купувањето руски системи.

Турција и Соединетите Американски Држави, како НАТО сојузници, се во спор околу намерата на Анкара да купи руски систем С-400, за кој Вашингтон тврди дека не е компатибилен со системите на НАТО и дека може да претставува закана за борбените авиони „Локид Мартин“ Ф-35, за кои Турција е потенцијален купувач и партнер во производството.

Во интервју за НТВ, Акар изјави дека исклучувањето на Турција од проектот Ф-35 ќе стави „многу тежок товар“ на останатите партнери во проектот.

– Нема клаузула во која се наведува дека „ќе бидете исклучени од ова партнерство ако купите S-400“. Нашето исклучување од едноставна причина што друга земја го сака нема да биде во согласност со правдата, правото или законот. Тоа не треба да се случи, рече Акар.

Тој изјави дека Турција се обидува да им објасни на САД и на другите партнери во проектот Ф-35 дека системот С-400 нема да претставува закана за борбените авиони и додаде дека Анкара презела мерки за да го спречи тоа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...